И во Вашингтон и во Брисел проблемот што Атина го има со нашето уставно име беше верен придружник на Евангелос Венизелос. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, на денешниот брифинг во грчкото Министерство за надворешни работи шефот на грчката дипломатија информираше за активностите што изминативе денови ги имаше во белгиската и во американската престолнина. За Македонија во Брисел Венизелос зборуваше два пати во два дена, а за истата тема разговарал и со својот американски колега Џон Кери.
“ Зборувавме за европската перспектива на земјите од западниот Балкан и за проблемот што постои на патот на Македонија , која што мора да ги исполни критериумите поставени од Европската Унија и од НАТО, како и секоја земја кандидат”, рече Венизелос.
Тој уште еднаш потврди дека во следните неколку седмици планира посета на Скопје и останатите престолнини од западен Балкан во својство на претседавач со Советот на ЕУ, но поради сложеноста на патувањето, деталите се уште се непознати.
Во меѓувреме, Грците со задоволство го пренесуваат интервјуто на екс премиерот Љубчо Георгиевски во кое тој повика да се откажеме од името Македонија.
“Та неа” пишува дека Георгиевски сметал дека одговорноста за застојот во евроинтергациите била целосно на премиерот Никола Груевски поради според него, “неславната политика”на бранење на името.
“ Тој ги повика политичарите, а особено владејачката ВМРО ДПМНЕ , да ја отстранат претпоставената одбрана на името Македонија”, се вели во текстот на порталот “Њузбомб”.
Георгиевски и претходно предизвикуваше воодушевување во Грција, со изјавите дека сме си ја измислиле целата историја и дека нема ништо драматично во тоа да се викаме Горна или пак Северна Македонија.