Не успеаа напорите на шефот на грчката дипломатија да ја „избегне” македонската кралска династија, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Одби да слета на “Александар Велики”, но се смести во “Александар Палас”, а со македонскиот колега Никола Попоски се сретна на адреса “Филип Втори”.
“Тоа што Венизелос намерно го избегнал скопскиот аеродром поради името, ако е вистина, тогаш е уште еден доказ за тоа колку е безнадежна ситуацијата околу разговорите за името”, вели за Нетпрес аналитичарот и новинар Јоргос Пападакис.
“Посетата на Венизелос е обрска кон функцијата која што ја има во Европската Унија до јуни. Да не беше таа функција, немаше да има ништо од оваа посета”, вели Пападакис.
Грчкиот печат се обидуваше посетата на Венизелос да ја претстави како конструктивен гест, обвинувајќи ја македонската Влада дека наводно креирала негативна атмосфера, со изјавите како онаа на шефот на дипломатијата Попоски дека Грција ја блокира европската интеграција на Македонија. Но, фактичката состојба во Македонија е дијаметрално спротивна од она што го прикажува грчкиот печат. Незадоволство за ставовите на Венизелос и голема скептичност околу посетата искажуваат голем број граѓани, здруженија, организации, експерти. Со транспаренти Стоп за грчкиот геноцид и 100 години окупација, добредојде на Венизелос пред зградата на македонската Влада ќе му посакаат Светскиот македонски конгрес, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и здружението Македонски манифест.
Порталот “Њузбист” под насловот “Со протести ќе му се посака добредојде на Венизелос во Скопје”, пишува:
“Прием со демонстрации на централниот плоштад во Скопје, каде што се наоѓа статуата на Александар Велики, ќе биде организиран за Евангелос Венизелос, кој што во рамките на турнејата низ Балканот ќе се сретне со политичкото водство на земјата.”
“Серија контакти на Венизелос во Скопје”, е насловот под кој весникот “То вима” информира дека Венизелос меѓудругите , ќе се сретнел и со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија.
Венизелос по средбите заминува за приштинскиот аеродром, од каде ќе „летне” назад во Атина.