![Vems Zelenski](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Vems-Zelenski.webp?resize=696%2C435&ssl=1)
Соединетите држави имаат за цел „траен мир“ во Украина, „мир што нема да ја турне Источна Европа во конфликт за само неколку години“, рече американскиот потпретседател ЏејДи Венс во петокот, кој се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски кој средбата ја оцени како „многу добра“ но истакна дек претстои „уште многу работа“.
Венс и Зеленски, кои се сретнаа на маргините на Минхенската безбедносна конференција, им рекоа на новинарите дека имале „добар разговор“. Венс рече дека ќе следат дополнителни разговори „во деновите, неделите и месеците што доаѓаат“.
„Треба да разговараме повеќе, да работиме повеќе и да подготвиме план да го запреме (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече Зеленски по состанокот на маргините на конференцијата.
Додаде дека Украина „многу“ сака мир – но има потреба од вистински безбедносни гаранции, велејќи дека е „благодарен“ за американската поддршка.
По разговорот, Ванс изјави дека имале „неколку продуктивни дискусии“ и дека остануваат прашања што треба да се доработат. Сепак, избегна да одговори дали САД ќе водат преговори со рускиот претседател Владимир Путин без Украина.
„Важно е да почнеме да ги водиме неопходните разговори за затворање на ова прашање. Тоа е сè што ќе кажам за сега, бидејќи сакам да ги зачувам можностите за нашите преговарачи и тимовите што работат на одговорно затворање на ова прашање“, рече Венс.
Многу меѓународни претставници собрани на Минхенската безбедносна конференција со нетрпение ги очекуваа деталите за состанокот, кој се одржа во петокот доцна попладне.
Зеленски беше меѓу првите лидери што се обрати на конференцијата во Минхен, поставувајќи ги своите услови по притисокот на САД за решавање на војната.
„Ќе се сретнам само со еден Русин, со Путин, и само откако ќе се договориме за заеднички план со (американскиот претседател Доналд) Трамп и Европа. Тогаш ќе седнеме и ќе ја прекинеме војната. Подготвен сум да се сретнам само во тој случај“, рече Зеленски претходно на прес-конференција.
Во својот говор, Венс, како што се очекуваше, не ги презентираше деталите за мировниот план за Украина, туку го искористи говорот за да ја критикува Европа за нарушување на слободата на говорот на нејзините граѓани и непочитување на волјата на гласачите.
Трамп ги вознемири сојузниците пред неколку дена кога разговараше со рускиот лидер Владимир Путин и најави почеток на преговорите.
Зеленски инсистира дека САД, Европа и Украина мора да имаат заеднички став пред да разговараат со Москва, а Европската унија го предупреди Вашингтон дека не може да се постигне договор со Путин зад грбот на Стариот континент.