Венс сè уште не открива ништо за Украина, но ја критикува ЕУ за цензура и игнорирање на волјата на гласачите

Американскиот потпретседател ЏејДи Венс во Минхен во петокот, како и што се очекуваше, не изнесе поединости од мировниот план на Вашингтон за Укриана, туку говорот на безбедносната конференција го искористи да ја критикува Европската унија поради крењето на слободата на говорот на своите граѓани и неуваѓувањет на волјата на граѓаните.

Говорејќи на годишниот собир на политички и воени челници, Венс ги минимизираше надворешните закани за Европа како што тврди Брисел – од Русија и Кина, велејќи дека е повеќе загрижен за „заканите однатре“.

„Заканите за Европа што најмногу ме засегаат се оние однатре, оддалечувањето на Европа од основните вредности што ги споделува со Соединетите држави“, рече Венс.

Како пример, тој го наведе поништувањето на резултатите од претседателските избори во Романија или политичарите во земјите на Европската унија коишто ги игнорираат гласовите на своите гласачи кои бараат построг став за миграцијата.

„Се плашам дека слободата на говор е во опаѓање низ Европа“, рече Венс правејќи паралела со цензурата на социјалните мрежи во САД за што ја обвини администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден и неговата администрација од Демократската партија преку челниците на социјалните мрежи што беа откриено во текот на сослушувањата во Конгресот.

Европската унија имаше „интервенции“ на изборите во Молдавија и Грузија, како замји кои посакуваат присоединување, а во членката на Романија тамошните претседателски избори беа поништени по изненадувачката победа на крајно десниот кандидат со контроверзни ставови за ЕУ и НАТО, поради наводни никогаш недокажани „руски дезинформации“.

„Меѓутоа, ги прашувам нашите европски партнери, ако демократијата може да биде уништена со објави на социјалните мрежи за неколку стотици долари, ајде да се запрашаме за каква демократија се работи“, рече Венс.

Американскиот потпретседател потоа се префрли на прашањето за откажаните избори во Романија, нарекувајќи ја основата за оваа одлука „слаби сомнежи“.

„Како што разбирам, аргументот беше дека руските дезинформации ги ‘контаминирале’ романските избори. Но, ги молам моите европски пријатели да гледаат на тоа вака… ако вашата демократија може да биде уништена со неколку стотици илјади долари реклами од странска влада, таа не е толку силна…“, рече Венс.

„Бев изненаден од фактот што еден поранешен еврокомесар неодамна беше на телевизија и со задоволство зборуваше дека романската влада поништила избори. Тој предупредуваше дека работите тргнале наопаку и дека истото може да се случи и во Германија“, рече американскиот потпретседател.

Венс ја повика Европа „да направи повеќе отколку да зборува за демократски вредности“.

„Кога гледаме како европските судови ги поништуваат изборите и високите функционери кои се закануваат дека ќе ги поништат другите, сите се прашуваме дали се држиме до соодветно високите стандарди“, рече тој.

Осврнувајќи се на нападот во четвртокот во Минхен, кога 30 лица беа повредени во напад со автомобил управуван од Авганистанец, Венс рече дека тоа е резултат на несовесни одлуки на политичарите кои дозволиле неконтролирана миграција.

„Уште колку пати треба да го доживееме тоа пред да го промениме правецот во кој се движи нашата цивилизација? Игнорирањето на гласовите на нашиот народ, поништувањето на изборите… тоа не штити ништо, всушност ја уништува демократијата“, предупреди Венс.

Ги обвини етаблираните партии дека не ја почитуваат волјата на гласачите со тоа што одбиваат да соработуваат со десничарските партии.

„Ниту една демократија не може да опстане ако им каже на десетици милиони гласачи дека нивните ставови, грижи и желби не се вредни за разгледување…. Не смееме да се плашиме од сопствениот народ, дури и кога нивните ставови не се согласуваат со оние на властите“, им порача американскиот потпретседател на европските партнери.

изјавите на Венс дојдоа една седмица пред предвремените парламентарни избори во Германија и ветувањата на главните етаблирани партии дека нема да дозволат власта да ја преземе или во неа да учествува десничарската Алтернатива за Германија (AfD), на којашто анкетите ѝ прдвидуваат историски успех на изборите.

Предвидено е Венс да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на конференцијата, која ќе трае до недела, по што би можеле да бидат познати контурите на мировниот план за Украина. Американскиот претседател Доналд Трамп ги вознемири сојузниците пред неколку дена кога разговараше со рускиот лидер Владимир Путин и најави почеток на преговорите.

Зеленски инсистира дека САД, Европа и Украина мора да имаат заеднички став пред да разговараат со Москва, а Европската унија го предупреди Вашингтон дека не може да се постигне договор со Путин зад грбот на стариот континент.