Верификуван пратеничкиот мандат на Мирсада Асани од НДП

Собранието  денеска го верификуваше мандатот на пратеничката Мирсада  Асани, која доаѓа од листата на НДП.

На денешната седница донесени се и одлуките за избор на претседатели, нивни заменици, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија и на делегациите на Собранието во ПС на Советот на Европа, во ПС на ОБСЕ, во ИПУ, во ПД на ЦЕИ, во ПС на НАТО, во ПС на Медитеранот, во ПС на ПСЈИЕ, во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација.

Павле Трајанов, од Демократскиот сојуз, поради неучеството на опозицијата во работата на Собранието побара да се одржуваат јавни расправи за граѓаните да бидат запознаени со работата на законодавниот дом.

„Во услови кога опозицијата не учествува во работата на Парламентот и работни тела се конституирани од присустните пратеници, одговороста на Парламентот во целина е многу поголема бидејќи суштинската расправа по сите точки се води во комисиите. Укажувам на потребата подетално да се разгледуваат сите законски проекти што ќе доаѓаат во Собранието, бидејќи многу тешко ќе може да отвориме расправа ако нема спротивставени мислења, особено што опозицијата е таа што со поизострен вид ги чита сите законски проекти и на тој начин се отвора поширока расправа и во Парламентот, преку медиумите и меѓу граѓаните. Можеби треба почесто да го користиме институтот јавна дискусија или расправа“, посочи Tајанов.

Пратениците гласаа и за разрешување и именување член на Одборот за доделување на државната награда „Св.Климент Охридски“ и на Советот за статистика на Република Македонија.

На продолжението на оваа седница, што претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја закажа за  среда пратениците треба да се изјаснат и за  предлог-законите за изменување на законите за пензиското и инвалидското осигурување, за придонеси од задолжително социјално осигурување и за здравственото осигурување, сите по скратена постапка, поднесени од пратениците Илија Димовски, Талат Џафери, Драган Цуклев и Ромео Тренов.

Пратениците образложија дека во овие закони се менува по еден член и оти со нив се бара одложување на почетокот на пререгистрацијата на земјоделците од 1 јуни 2014 до 1 јануари 2015 година поради софтверско усогласување меѓу Министерството за земјоделство и Управата за јавни приходи. Поради тоа бараат законите да бидат донесени по скратена постапка.