![Formula One Grand Prix of Mexico](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/10/f7bd829650ff44f7ae72d4cd9312b0fd.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Новиот и стариот светски првак во класата Формула 1, Холанѓанецот Макс Верстапен од тимот на Ред Бул е новиот рекордер со 14 победи остварени во една сезона, откако во неделата убедливо славеше на трката за Големата награда на Мексико возена на патеката во Сиудад де Мехико.
До оваа трка Верстапен го делеше рекордот со двајцата легендарни германски возачи: Михаел Шумахер кој во 2004 година оствари 13 победи а исто толку имаше и Себастијан Фетел во 2013 година.
Верстапен беше во водство од почетокот до крајот на трката во Мексико, а целта ја мина со малку повеќе од 15 секунди предност пред Британецот Луис Хамилтон од Мерцедес, кој успеа да ги одбие нападите на вториот возач на Ред Бул и миленик на домашната публика Серхио Перез кој зад победникот заостана 18 секунди.
Макс Верстапен на две трки пред крајот на сезоната има недостижни 416 бодови, а на второто место денеска се проби неговиот клупски колега Серхио Перез со 280 бодови, потиснувајќи го на третото место Шарл Леклер од Монако од тимот на Ферари кој има 275 бодови.
Следната трка на распоредот е на 13-ти ноември, а ќе се вози на патеката Интерлагос за Големата награда на Сао Паоло во Бразил.
СП Формула 1, Мексико – резултати
1. Макс Верстапен (Ред Бул) 1:38:36,729 сати
2. Луис Хамилтон (Мерцедес) +15,186
3. Серхио Перез (Ред Бул) +18.097
4. Џорџ Расел (Мерцедес) +49.431
5. Карлос Саинц Јуниор (Ферари) +58.123
6. Шарл Леклер (Ферари) +1:08.774
7. Даниел Рикардо (Мекларен) +1 круп
8. Естебан Окон (Алпен) +1 круг
9. Ландо Норис (Мекларен) +1 круп
10. Валтери Ботас (Алфа Ромео) +1 круп
…
Генерлен пласман – возачи
1. Макс Верстапен (Холандија/ Ред Бул) 416 бодови
2. Серхио Перез (Мексико/ Ред Бул) 280
3. Шарл Леклер (Монако/ Ферари) 275
4. Џорџ Расел (Велика Британија/ Мерцедес) 231
5. Луис Хамилтон (Велика Британија/ Мерцедес) 216
6. Карлос Саинц Џуниор (Шпанија/ Ферари) 212
…
Генерален пласман – конструктори
1. Ред Бул 696
2. Ферари 487
3. Мерцедес 447
4. Алпен-Рено 153
5. Мекларен-Мерцедес 146