Вештачката интелигенција помага во откривање срцеви заболувања кај луѓе без симптоми

Нова алатка за вештачка интелигенција во Обединетото Кралство открива срцеви заболувања кај луѓето уште пред да имаат симптоми, објави германската новинска агенција dpa.

Алатката ги пребарува медицинските досиеја за знаци кои укажуваат на ризик од развој на атријална фибрилација.

Поранешен офицер, кој учествувал во тестирањето на алатката, рекол дека е „навистина благодарен“ што му била откриена атријална фибрилација. Џон Пенгели рекол дека сега му требаат само „неколку апчиња дневно“ за да го намали зголемениот ризик од потенцијално фатален мозочен удар.

Атријалната фибрилација е состојба во која биењето на срцето е неправилно и често многу брзо и доведува до зголемен ризик од мозочен удар. Кај некои луѓе може да предизвика и палпитации на срцето, вртоглавица, отежнато дишење и чувство на замор. Меѓутоа, други немаат симптоми и не се ни свесни дека отчукувањата на срцето им се неправилни.

На околу 1,6 милиони луѓе низ Велика Британија им е дијагностицирана атријална фибрилација. Но, Британската фондација за срце (BHF) вели дека веројатно има илјадници луѓе во земјата кои не се свесни дека имаат атријална фибрилација, бидејќи не им била дијагностицирана. Кога состојбата е откриена и третирана рано, таа може да се контролира и да се намали ризикот од мозочен удар.

Новата алатка за вештачка интелигенција што се пробува се нарекува „Find-AF“ и е финансирана од добротворната организација BHF и Leeds Hospitals. Алгоритмот е развиен од научници и лекари од Универзитетот во Лидс и британската јавно здравствена фондација Leeds Teaching Hospitals.

Тие создадоа алатка која користи анонимизирани медицински досиеја собрани од повеќе од 2,1 милиони луѓе за да пронајдат индиции кои укажуваат на ризикот од развој на атријална фибрилација. Алатката потоа е потврдена со медицинските досиеја на дополнителни 10 милиони луѓе.

Експертите проценуваат колку е ефикасно да се пронајдат луѓе со ризик да ја развијат оваа состојба во следните шест месеци, на кои потоа им се нуди дополнително тестирање за ризик од мозочен удар.