Речиси половина од европските граѓани стравуваат дека вештачката интелигенција ќе ги згасне работните места, покажува истражувањето на осигурителната компанија „Allianz“, спроведено во шест европски земји.
Нешто помалку од половина од испитаниците, 46 отсто од нив, очекуваат дека вештачката интелигенција ќе го намали бројот на работни места, покажа истражувањето на Allianz Research.
Само една третина од нив веруваат дека новата технологија може да отвори нови.
Истражувањето е спроведено меѓу речиси 6.300 граѓани во Германија, Франција, Шпанија, Италија, Полска и Австрија.
Половина од испитаниците веруваат дека вештачката интелигенција го продлабочува јазот во вештините и нееднаквоста, а околу една петтина од нив се оптимисти во проценката за можните придобивки од неа.
„Граѓаните во многу европски земји се вознемирени од брзите промени и затоа се скептични“ кон вештачката интелигенција, вели истражувачот на „Allianz“, Арне Холцхаузен.
Експертите очекуваат значителен економски бенефит.
„Клучот е (компаниите) да користат алатки за вештачка интелигенција за да ги надополнат и прошират вештините на работниците, а не да ги користат како замена (за луѓето)“, додава Холцхаузен.
Технологијата, всушност, беше развиена во вистинско време, со оглед на демографските предизвици и недостигот од квалификувани работници во многу земји и во многу сектори, според Холцхаузен.
Вештачката интелигенција може да помогне во решавањето на тие проблеми со подобрување на продуктивноста и автоматизирање на рутинските задачи, додава тој.