Ракометарите на Веспрем се радуваа на победа во дербито на првото коло во Лигата на шампионите, откако на домашен паркет го победија Парис Сен Жермен со 34:31 (13:17).
Иако унгарскиот претставник имапе заостанување од четири погодоци по првиот дел, со одличната игра во втората делница направи голем резултатски пресврт и го совлада големиот противник од Франција.
Парижани тргнаа добро, одржуваа предност на стартот, но Веспрем се врати. По игра гол за гол, пред полувремето гостите со серија од 4:0 се одлепија за комфортна предност на пауза. Унгарците беа на потег, притискаа за враќање, но парижани се држеа. Иако и во вториот дел ПСЖ водеше со четири гола, Веспрем сепак се врати до егал, поведе и до крај го задржа позитивниот резултат.
Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков остана без учинок во дербито, најефикасен на теренот беше Јахја Омар со десет, пред Штрлек со осум гола, додека кај ПСЖ седум пати реализираше Микел Хансен.
Изненадување на стартот приреди Динамо Букурешт, бидејќи на домашен терен го победи Киелце со 32:29 (16:12). Романскиот тим уште на стартот наметна темпо, беше подобар во првиот дел и водеше. Во продолжението Кјелце се врати, дојде до егал во неколку наврати, ама немаше сили да победи против расположениот ривал.
Полјаците немаа решение за Раул Нантес кој имаше ефект 11 од 11, седум гола даде Бизау, а поранешниот „вардарец“ Дисингер погоди двапати. Во таборот на Киелце со седум гола најдобар беше Морито, шест даде Вујовиќ, а пет Нахи.
Мотор Запорожје го победи Порто со 30:27 (15:10), во рамките на групата Б. Екипата на Николче Митревски не успеа да дојде до позитивен резултат на гостувањето во Украина и со пораз го отвори настапот во елитното натпреварување.