Ветерoт и сончевата енергија ќе произведуваат повеќе од една третина од глобалната енергија до 2030 година

Енергијата на ветерот и соларната енергија се на пат да сочинуваат повеќе од една третина од изворите на електрична енергија до 2030 година, според денеска објавениот извештај на американскиот институт „Карпести планини“ („Rocky Mountain“).

Султан ал-Џабер, претседател на следниот самит на ОН за климата КОП28, повика оваа година тројно да се зголеми производството на енергија од обновливи извори до 2030 година со цел да се намалат емисиите на стакленички гасови и да се придонесе за постигнување на климатските цели во Париз од 2015 година.

Експоненцијалниот раст на секторот значи дека проектите за добивање струја од енергија на ветер и соларна енергија би можеле да генерираат најмалку 33 отсто од глобалната електрична енергија, во однос на 12 отсто сега, што ќе овозможи помала употреба на фосилни горива и поевтина енергија, се вели во извештајот.

Институтот, американска непрофитна организација за чиста енергија, го спроведе истражувањето во партнерство со Фондот на Безос за Земјата, фонд вреден 10 милијарди долари, кој е основан од сопственикот на Амазон, Џеф Безос, за да помогне во изнаоѓањето решенија за климатските промени.

Цената на сончевата енергија, која веќе е најевтин облик на производство на енергија, ќе се намали на 20 долари за мегават час, од околу 40 долари колку што е сега, очекува Институтот.

„Придобивката од брзиот развој на обновливите извори на енергија е поголема енергетска сигурност и независност, плус долгорочната дефлација на цената на енергијата, бидејќи колку повеќе од таа технологија поставувате, толку е поевтина“, рече Кингсмил Бонд, висок функционер на Инститот.