Братот на поранешниот премиер Зоран Заев, Вице Заев се обрати до јавноста, како што вели по многубројните лажни вести за него и неговото семејство, а кои се објавувале секој ден од страна на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања со цел лична дискредитација на неговиот брат и неговото семејство.
„Сите овие измислици и конструкции ги демантирам јавно. Ниту јас, Вице Заев, ниту било кој член од моето семејство нема поврзаност со случајот познат во јавноста како „Рекет“ ниту пак со лагите кои на прес конференции ги изнесува ВМРО-ДПМНЕ“, истакнува Вице Заев и додава:
„Изнесените невистини дека сум се среќавал со лицата осомничени за овој случај, дека сум седел, дека ме имало на некои снимки ги демантирам, тоа не е точно. Обидите за мое инволвирање на било каков начин во валканата политичка кампања сметам дека е намерно, лажно и тенденциозно со единствена цел, да му се наштети на Зоран Заев и политиките кои ги спроведува“.
Тој ги повикува сите надлежни институции да ги проверат сите изнесени наводи, да ги објават сите снимки, видеа, аудио материјали, се што има бара да се објави, за јавноста да се увери во вистината.
„Самиот факт што законски била спроведена постапката за прибирање докази и видео материјали потврдува дека никој нема контрола над постапките што се водат во МВР, во обвинителството и судството, освен надлежните институции.
Ако некој имал контрола на овие институции, како што беше за време на режимот, тоа никогаш немало да се случи.
Народот гледа што се случува и се му е јасно. Со невистини и лажни вести мета е семејството на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, затоа што тој е најголема закана за вистинските криминалци.
За овие луѓе нема ништо свето, ниту семејството, уште помалку граѓаните или државата“, нагласува Вице.
Според него, семејството Заеви, односно Зоран Заев е трн во окото за сите што се под контрола на Никола Груевски, како што вели, избеганиот криминалец, и кои не и мислат добро ниту на државата, ниту на граѓаните. Ја уништувале 11 години татковината и избегале, за да се соочат со одговорност.
„Затоа се шират лажни вести преку медиумите под нивна контрола, се шират измислици, секојдневно се пласираат тешки лаги, клевети, но и на прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ, не се бираат начини ниту средства да му се наштети на Зоран Заев и неговото семејство. Им пречи затоа што беше најуспешен градоначалник на Струмица. Им пречи затоа што го сруши нивниот режим со пенкало. Им пречи затоа што ја донесе слободата и демократијата. Им пречи затоа што застана храбро против неправдите. Им пречи затоа ја придвижи економијата, ја врати социјалната сигурност, им помага на ранливите, не дели туку обединува. Им пречи затоа што успеа својата татковина да ја извади од калта и да ја внесе во НАТО, на чекор до ЕУ“, посочува Заев, додавајќи дека најмногу им пречи тоа што се изборил да се донесе Законот за јавно обвинителство со кој конечно доаѓала правдата, се обезбедувала правна држава и секој што се огрешил пред законот ќе одговара.
„Нема спас за криминалците. Ги чека затвор“, констатира Вице.
Тој велие дека не е политичар и нема намера да се занимавам со политика. Не згрешил ништо, не прекришил ниту еден закон, работел одговорно и чесно.