Вицегувернерката Нацевска: Сите показатели потврдуваат дека девизните резерви се во исклучително добра кондиција  

 

Сите показатели потврдуваат дека девизните резерви се во исклучително добра кондиција – на високо ниво и постојано се во сигурната зона. На крајот на септември изнесуваат 3 милијарди и 480 милиони евра, што е повеќе за близу 400 милиони евра во споредба со крајот на февруари, пред почетокот на ковид-кризата во нашата земја. Но, не само номиналниот износ, туку и релативните, меѓународно прифатени показатели за оцена на адекватноста водат кон констатацијата дека нивото на резервите е соодветно и обезбедува заштита на девизниот курс на денарот.

Ова го истакна вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во интервју за австралиското радио СБС.

„Од почетокот на третиот квартал наваму, трендовите на девизниот пазар во земјава постојано се подобруваат, за што придонесуваат не само сезонските фактори, туку главно и подобрите согледувања на граѓаните, коишто се јавуваат со зголемена понуда на девизи. Во такви околности, девизната ликвидност на банкарскиот систем и натаму се подобрува, со што значително се намали и потребата за интервенции на Народната банка. Во септември и октомври, Народната банка е само повремено присутна на девизниот пазар со продажба на девизи на банките-поддржувачи, при што износот на интервенциите е најнизок од почетокот на кризата наваму“, посочува Нацевска.

Во интервјуто, покрај на намената на девизните резерви, вицегувернерката се осврнува и на принципите на сигурност, ликвидност и профитабилност по коишто токму по овој редослед, Народната банка се води при управувањето со девизните резерви.

Нацевска напоменува дека кога станува збор за вредноста на домашната валута, нема простор ниту за дилема, ниту за компромис – денарот е и ќе остане стабилен.