Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се уште не поднел Анкетен лист за својата имотна состојба и за тоа што поседуваат неговите најблиски во Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси, објави Фактор.
Од „Антикорупциска“ за порталот потврдиле дека рокот, според Законот за спречување на корупција, е одамна поминат, а владиниот заменик-претседател, кој доаѓа од редовите на СДСМ, е на оваа функција откако Владата беше изгласана од Собранието на 30 август. Битиќи не поднел ниту изјава за интереси во која треба да наведе колку и какви бизниси евентуално поседува, дали и колку има свои блиски што се вработени во јавниот сектор, дали има судир на интереси и слично
„Избран или именуван функционер, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, при изборот или именувањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот или именувањето, пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки“, се вели во законот за спречување на корупција.