ВИДЕО| Активисти ги полеаја со боја зградата на Фондацијата Луј Витон и Плоштадот Вендом

Фасадата на зградата на Фондацијата Луј Витон и славниот Плоштад Вендом во Париз во понеделникот утрото беа испрскани со боја, пренесува агенцијата AFP информирана од организациите Extincion Rebellion и Last renovation кои ја преземале одговорноста за овие две засебни акции изведени неколку часа по почетокот на масовните првомајски собори во француската престолнина.

На снимката објавена на профилите на социјалните мрежи на организацијата се гледа група активисти како фрлаат портокалова и црвена боја врз зградата на фондацијата којашто во понеделникот поради синдикалните акции не работеше.

Активистите на Extinction Rebellion со оваа акција го насочуваат вниманието на јавноста кон групацијата за луксузни стоки LVMH чиј челник Вернар Арно е најбогатиот човек на планетата, којашто ја обвинуваат за „даночна оптимизација“.

„Во сегашните општествени состојби кога Французите поради инфлацијата се откажуваат од еден оброк во денот, богатството на големите компании е неумесно. Синдикалните барања за поголеми плати ја имаат сета наша поддршка“, изјавил портпаролот на Extinction Rebellion алудирајќи на поворката на синдикатите по повод Меѓународниот ден на трудот.

Фондацијата на Луј Витон, сместена во париската Болоњска шума, е меѓу најпосетените музеи во Париз, а моментално во него се одржува изложбата „Баскија по Ворхол, четири раце“ на двајцата митски поп-арт уметници Жан-Мишел Баскија(т) и Енди Ворхол.

И славниот Плоштад Вендом беше цел на вандализам на другото еколошко активистичко движење Last renovation. Притоа уапсени се „шест граѓани“ кои учествувале во таа акција, изјавил за AFP портпаролот на движењето.

Тие „со помош на противпожарни апарати“ прскале портокалов боја на фасадата и влезот на Министерството за правосудство, се наведува во соопштението на движењето.

„Штитејќи ги најбогатите, кои се најодговорните за емисијата на стакленичките гасови, нашата влада ги слабее најсиромашните меѓу нас“, предупредуваат од движењето воедно критикувајќи ја „неправедната пензиска реформа“ на францускиот претседател Емануел Макрон.