ВИДЕО: Албанската полиција со оружје се бори да влезе во Лазарат

Албанската полиција доцна во неделата започнала полициска акција во селото Лазарат, во јужна Албанија, кое е најголем производител марихуана во земјата при што била пречекана со истрели од огнено оружје, пренесоа медиумите. Во пресметката во околина на селото бил ранет и еден цивил.

Албанското МВР ја потврдило акцијата за влегување во селото во која според нивните информации учествувале 5оо припадници на полицијата меѓу кои и полицајци од специјалната единица Ренеа.

Албанското МВР информира дека акцијата за влез во Лазарат ја раководи лично директорот на полицијата, Артан Диди, а нејзина цел е да го оневозможи производство на дрогата од типот Канабис сативас – Марихуана и да ги притвори организаторите на производството на дрогата.

Според најновите информации од теренот во селото и понатаму се слушаат пукотници, а полицијата во акцијата има соработка и со Албанското јавно обвинителство.

Селото Лазарат е најголемиот производител на Марихуана во Албанија. Тоа е надвор од контролата на властите повеќе години и од него во Албанија и надвор од неа се пласираат огромни количини дрога.

По многуте акции во повеќе делови на земјата и уништувањето на над 25 илјади стебла со марихуана, албанската полиција не успеа да влезе и да го контролира Лазарат, чии жители се „одбранија“ со пукотници од автоматско оружје.

Полицијата апелира на соработка како од жителите така и од локалната власт на општина Лазарат и најави дека нема повлекување.

Годишно само во ова подрачје се произведуваат 900 тони марихуана.