![Izbori palsnica](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/12/Izbori-palsnica.jpg?resize=672%2C448&ssl=1)
Кандидатот за градоначалник на општина Пласница од ДУИ, Алија Јахоски, прогласи победа и пред изборниот штаб на партијата им се заблагодари на сограѓаните што масовно излегле на гласање и покрај епидемијата, објави 360степени.мк.
„Гласот го дадоа на вистински човек. Функцијата ќе ја извршувам чесно и ќе продолжам каде што застана претходниот градоначалник, ќе продолжам да ги реализирам започнатите проекти за овие 10 месеци. Благодарам на сите што гласаа, но и на тие што не гласаа, јас ќе бидам градоначалник на сите, ќе работам 24 часа во општина Пласница. Иако овде е доста направено, ќе продолжам да ја правам поубаво место за живеење за сите граѓани“, рече Јахоски.
Тој додаде дека приоритет во недовиот мандат ќе биде подобрувањето на инфраструктурата и вработувањето, со цел да се спречи иселувањето од општината.
![](https://i0.wp.com/360stepeni.mk/wp-content/uploads/2020/12/060B2898-6F6B-4B91-878E-5993AA288F41-1024x576.jpeg?resize=696%2C392&ssl=1)
Јахоски беше придружуван од министерот за економија и негов сопартиец, Крешник Бектеши. Бектеши рече дека над 85 отсто од гласовите завршиле на контото за нивниот кандидат.
„Ова покажува дека ДУИ е најорганизирана партија во Северна Македонија, но ова е и знак за локланите избори кои ќе се случат следната година дека ДУИ ќе победи во сите ошштини, почнувајќи од општина Струга, па до Липково“, рече Бектеши.
И покрај победничката атмосфера на членовите и симпатизерите на ДУИ во Пласница, прослава вечерва нема да има, бидејќи неодамна починал таткото на градоначалникот Јахоски.
Алија Јахоски е брат на претходниот градоначалник, Исмаил Јахоски, кој беше градоначалник со најмногу добиени мандати. Тој ја напушти функцијата откако беше избран за пратеник во Собранието на последните парламентарни избори што се одржаа во јули.