(ВИДЕО) Алигаторот кој побегна во Берлин во текот на војната угина во Москва

Алигаторот кој побегнал од берлинската зоолошка градина во разгорот на Втората светска војна и потоа бил префрлен во Москва, угинал во петокот на 84 години, објави во саботата московската зоолошка градина.

Мисисипскиот алигатор наречен Сатурн, умрел од старост. „Сатурн имаше долг и убав живот. Тоа е навистина длабока старост“, соопшти зоолошката градина.

Очекуваниот животен век на крокодил во природата е меѓу 30 и 50 години.

Сатурн на свет дошол во 1936 година во САД и бил префрлен во зоолошката градина во Берлин од каде ова 3,5 метри долго животно избегало по бомбардирање на 23-ти ноември 1943 година.

Успеал да ги преживее некако последните две години од војната, за во 1946 година да го пронајдат британски војници и во јули истата година бил префрлен во Москва.

По војната се јавуваа шпекулации дека Сатурн бил милениче на нацистичкиот водач Адолф Хитлер, но за тоа нема докази.

„Дури и да припаѓал некому, животните немаат ништо со војната и политиката“, соопштија во зоолошката градина, среќни што ја имале честа да се грижат за Сатурн изминатите 74 години.

Од московскиот зоо парк наведуваат и дека телото на мртвото животно ќе биде предадено на московскиот Дарвинов музеј откако ќе биде препариран, за што ќе бидат потребни неколку месеци, и ќе биде потоа изложен во одделот за влекачи. Додаваат дека двете институции ваквата практика ја остваруваат повеќе од 100 години.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Московский зоопарк (@moscow_zoo_official) on