Камионите со ѓубре со кои скопските општини сами го чистеа сметот, вечерва не се пуштаат во депонијата „Дрисла“. Вработените во депонијата добиле наредба да се пуштаат само камиони од Општините Сарај и Карпош, но не и од другите скопски општини.
Градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски за медиумите изјави дека во моментов се пред депонијата и со камионите стојат пред капијата, но не им се дозволува да влезат.
„Општините имаат договори со ‘Дрисла‘ за депонирање ѓубре. Значи, иако не е наша обврска, ние бараме да го депонираме ѓубрето и за тоа ќе платиме. Но, и покрај тоа што го оставија градот затрупан во ѓубре, сега не се дозволува да се фрли ѓубрето на депонија“, рече Муцунски.
Скопските општини со помош од другите градови вечерва излегоа да го чистат Скопје откако состојбата со ѓубрето стана алармантна, а вработените од „Комунална хигиена“ најавија дека нема да работат додека директорката Косана Мазнева-Николиќ не си поднесе оставка.