ВИДЕО| Асанж пречекан од бројни поддржувачи во Австралија

Основачот на WikiLeaks, Џулијан Асанж во средата слета во Австралија пред толпата поддржувачи откако се изјасни за виновен за кршење на американските закони за шпионажа и беше ослободен по 14-годишна правна битка.

Асанж излезе од изнајмен приватен авион на аеродромот во Канбера нешто по 19,30 часот по локално време, каде ги поздрави медиумите и поддржувачите, а потоа ја бакна сопругата Стела. Тој го прегрна својот татко пред да влезе во зградата на терминалот со неговиот адвокатски тим.

Одушевувањето на масата луѓе еруптираше во овации додека Асанж им одпоздраавуваше на поддржувачите и ја прегрна својата сопруга на асфалтот. Кога излегуваше од авионот, премиерот Ентони Албаниз, говорејќи од парламентот, го поздрави неговото враќање.

Емотивната Стела Асанж застана покрај таткото на Џулијан и само рече дека споделиле посебен „приватен момент“ кога повторно се собрале на австралиска територија. Семејството подоцна се упати заедно во хотелот „East“ во Кингстон.

Австралискиот премиер Ентони Албаниз, кој со години се залага за ослободување на Асанж, изјави дека разговарал со него по телефон по слетувањето на авионот.

„Имав многу топол разговор со него оваа вечер, тој беше дарежлив во пофалбите за напорите на австралиската влада“, рече Албаниз на прес-конференција. „Австралиската влада се бори за австралиските граѓани, тоа е она што го правиме“, додаде.

Доаѓањето на Асанж го означува крајот на сагата во која тој помина повеќе од пет години во британски затвор и седум години во азил во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што ја оспори екстрадицијата во Шведска поради наводите за сексуален напад и екстрадиција во САД. каде му се заканувале 18 кривични пријави.

Обвиненијата произлегуваат од 2010 година, кога WikiLeaks објави стотици илјади доверливи американски воени документи за војните на Вашингтон во Авганистан и Ирак, едно од најголемите протекувања на доверливи информации во историјата на САД.

За време на тричасовното сослушување, одржано претходно на островот Саипан, американската територија на Пацификот, Асанж се изјасни за виновен по една точка од обвинението, односно заговор за добивање и откривање доверливи документи за национална одбрана на САД, но рече дека верува дека првиот амандман на Уставот на САД, кој ја гарантира слободата на говорот, ги заштити неговите постапки.

„Работејќи како новинар, го охрабрив мојот извор да ми достави информации за кои се вели дека се доверливи за да се објават тие информации“, рече тој пред судот.

„Верував дека првиот амандман ја заштити таа активност, но прифаќам дека тоа е кршење на статутот за шпионажа.

Окружниот судија на САД Рамона В. Манглона го прифати неговото признание за вина, истакнувајќи дека американската влада посочила дека нема жртви како резултат на дејствијата на Асанж.

Таа однапред му посака среќен роденден на Асанж, кој на 3 јули ќе наполни 53 години и го ослободи врз основа на времето што веќе го поминал во британски затвор.

Поздравен како херој

Додека американската влада го смета Асанж за непромислен затоа што им се заканувал на нејзините агенти со објавување на нивните имиња, неговите поддржувачи го поздравуваат како херој за промовирање на слободата на говорот и разоткривање на воените злосторства.

„Силно веруваме дека г-дин Асанж никогаш не требаше да биде обвинет според Законот за шпионажа поради задачите што новинарите ги извршуваат секој ден“, изјави неговиот американски адвокат Бери Полак на новинарите надвор од судницата.

Тој рече дека работата на WikiLeaks ќе продолжи.

Британската и австралиската адвокатка на Асанж, Џенифер Робинсон, се заблагодари на австралиската влада што обезбедила ослободување на Асанж. Неговиот татко Џон Шиптон изјави за Reuters дека му олеснало.

„За Џулијан да може да се врати во Австралија и редовно да се гледа со своето семејство и да ги прави нормалните работи во животот, (тоа) е благослов“, рече Шиптон во Канбера, каде го чекаше својот син. „Убавината на обичното е суштината на животот“.

Асанж се согласи да се изјасни за виновен по една точка од обвинението, според судските документи од Окружниот суд за Северните Маријански острови. Територијата на САД во Западен Пацифик е избрана поради противењето на Асанж да оди на копнената територија на САД и поради близината на територијата со Австралија, соопштија обвинителите.

Политичарите во Австралија кои се залагаа за негово ослободување изразија загриженост за признавањето на вината на американско тло, велејќи дека Асанж е новинар кој бил осуден затоа што ја вршел својата работа.

„Тоа е навистина алармантен преседан. Тоа е нешто што би го очекувале во авторитарна или тоталитарна земја“, рече Ендрју Вилки, независен пратеник и лидер на парламентарната група која се залагаше за Асанж.

Асанж помина повеќе од пет години во, како што рече судијката Манглона, еден од најстрогите затвори во Велика Британија и седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон, додека се бореше против екстрадиција.

Додека беше во амбасадата, тој добил два сина со Стела, адвокатка која беше дел од неговиот правен тим. Тие се венчаа во 2022 година во затворот Белмарск во Лондон.