Четири лица загинаа во авионска несреќа. Како што јавува Би Би Си, повикувајќи се на официјални информации од тамошната полиција, авионот се срушил на плац за аукција на автомобили во Хемпшир, Велика Британија.
Според изјавите на очевидците, приватниот авион, којшто се срушил во обид да слета на аеродормот Блекбуш се запалил.
Во авионската несреќа починале пилотот на авионот и уште тројца други патници во авионот. Според официјалните информации во оваа страшна авионска несреќа нема преживеани.
За среќа никој од присутните на плацот за аукција на автомобили не бил повреден, а Британската аукциска куќа за автомобили во Фарнхајм ги евакуирала сие вработени.
Авионот се срушил на крајот на пистата
Од аеродормот, велат дека авионот од типот Феном 300 се срушил на крајот на пистата додека се обидувал да слета.
Ендру Томас, кој во моментот купувал автомобил вели дека го видел авионот како се запалил при ударот.
– Видов кога се случи и можев да ги видам авионот и автомобилите во пламен. Авионот со носот удри во автомобилите и експлодираше поради судирот. Од вработените слушнав дека во него имало четири лица, вели тој.
Бери Вајт кој бил на плацот во тоа време, вели дека авионот „вивнал во пламен за околу 60 секунди“.
Поради несреќата затворени околните патишта
Од полицијата во Хемпшир велат дека полицијата била повикана на местото на настанот околу 15, 09 асот по локално време. Поради несреќата кратко време биле затворени околните патишта, но наскоро биле повторно отворени.
Сепак, затворен е патот кој води кон аеродромот, а полицијата ги предупреди граѓаните да не се движат во таа област.
Во моментов се спроведува истрага за причините за оваа авионска несреќа.