(ВИДЕО) Австралиската полиција тврди дека возачот кој повреди 19 луѓе намерно се залетал во нив

Возачот на белиот „теренец“ намерно се залетал во четвртокот во пешаците во Мелбурн повредувајќи притоа 19 луѓе, а неговиот мотив сѐ уште не е познат, објави австралиската полиција.

Притоа се истакнува дека возачот и неговиот совозач се уапсени.

„Врз основа на она што го видовме веруваме дека станува збор за намерен чин. Мотивот не е познат“, изјави во Мелбурн за новинарите началникот на полицијата на сојузната австралиска држава Викторија, Расел Барет.

Возилото се залетало во пешаците во близина на главната железничка станица на улицата Флиндерс. Дванаесет лица се хоспитализирани, вклучително и едно дете на претшколска возраст кое е во критична состојба.

Овој дел од вториот по големина град во Австралија бил преполн со луѓе кои биле излезени во предбожикни купувања.

Телевизијата Sky News Australia, според очевидци, пренесува дека теренско возило од марката „Сузуки“, малку пред 17 часот по локално време пролетало низ црвено светло и се забило во толпата луѓе кои минувале на пешачки премин.

„Можевме да слушнеме само звук, кога погледнавме налево, го видовме белиот автомобил, ги косеше сите. Луѓето се разлетаа на сите страни. Слушнавме удар, по удар. Луѓето трчаа насекаде“, вели еден од сведоците.

Возилото, во коешто имало двајца мажи, се запрело откако погодило столб на улицата.

Полицајците и припадници на обезбедувањето присутни на местото на инцидентот ја опишале несреќата како терористички чин, но властите сѐ уште не го потврдуваат тоа, но сепак водат истрага во таа насока.

Во јануари годинава возач со својот автомобил удри во пешаци во најфреквентниот дел во центарот на Мелбурн, при што загинаа шест лица, меѓу кои и 10-годишно девојче и тримесечно бебе. Најмалку 30 лица беа повредени во тој напад. Возачот, во полицискиот извештај идентификуван како Димитриос Гаргасулас, беше обвинет по шест точки за убиство, и 28 точки за обид за убиство.