Премиерот на австралиската држава Нов Јужен Велс, Бери О’Фарел, денеска поднел оставка бидејќи е откриено дека примил за подарок шише скапоцено вино од 2.800 долари.
О’Фарел донел одлука да се повлече од функцијата откако е откриено дека лажел во врска со примањето на овој подарок, бидејќи е пронајдена пишана порака во која тој се заблагодарува за шишето вино „Пенфолд Гренџ“ од 1959 година и тоа само еден ден откако негирал каква било поврзаност со таа приказна.
„И понатаму не можам да се сетам дека сум примил шише вино од 1959 година, не можам да објаснам што се случило со тоа шише“, им рекол О’Фарел на новинарите во Сиднеј
„Но, прифаќам дека постои порака која сум ја потпишал и како некој кој верува во одговорност ги прифаќам последиците од својата постапка“, ја образложил својата одлука поранешниот премиер.
Тој и официјално ќе поднесе оставка следната недела на состанкот на Либералната партија, по што ќе бидат организирани избори за нов премиер а Нов Јужен Велс.
О’Фарел го примил виното од адвокатот и бизнисмен Ник ди Џиролам, кој е предмет на истрага на Независната комисија против корупција на Нов Јужен Велс.
Ди Џиролам како извршен директор на фирма за преработка на вода е обвинет за проневера на пари, а реткото шише вино му го испратил на О’Фарел набргу откако тој станал премиер во 2011 година.