(ВИДЕО) Барса и Манчестер јунајтед славеа, ВАР му поништуваше голови на Јуве

Шпанска Барселона и англиски Манчестер јунајтед ги запишаа вторите победи во новата сезона во Лигата на шампионите, после вечерашните пресметки за да имаат сигурен чекор кон осминафиналето, откако каталонската гордост славеше во дербито со Јувентус среде Торино со 2-0, а „црвените ѓаволи“ го сотреа незгодниот Ред Бул Лајпциг со 5-0.

Осман Дембеле со прекрасен гол од 18-на метри во 14-та минута ја реши пресметката со „старата дама“, која беше ослабена со неиграњето на првата ѕвезда Кристијано Роналдо, кој поради коронавирусот останува во изолација, но освен погодокот на Дембеле, ВАР вечерва дури трипати му поништи гол на Јуве и тоа трипати откако Алваро Мората погоди во мрежата на Каталонците.

ВАР реагираше во 15-та, 30-та и 55-та минута од мечот за во три наврати да поништи голови на Мората, па во 91-та минута Лионел Меси од пенал постигна гол за да ја завери победата, шест минути откако Јувентус остана со десетмина после исклучувањето на Мерих Демирел.

Маркус Рашфорд со хет-трик, Ентони Мартијал и Мејсон Гринвуд, кој ја најави убедливата победа, ги постигнаа петте гола за Манчестер јунајтед, кој го растури Лајпциг на „Олд Трафорд“ и сега со максимален ефект по две кола е на вистинскиот пат за осминафинале, откако минатата недела го освои Париз во дербито со ПСЖ, триумфирајќи со 2-1.

Севилја со 1-0 славеше над Рен за прва сезонска победа во ЛШ, во групата во која Челси претходно убедливо славеше кај Краснодар со 4-0, додека Борусија Дортмунд со 2-0 триумфираше над Зенит, а Ференцварош успеа да се врати од негатива од два гола за бод против Динамо Киев.

Без победник заврши и пресметката во Бриж, каде белискиот првак и Лацио ремизираа 1-1.