(ВИДЕО) Барса пак разочара, не го победи ниту Кадиз

Екипата на Барселона одново ги разочара своите фанови, откако одигра нов натпревар под своето ниво во Примера и не победи против Кадиз (0-0), во последниот натпревар од шестото коло на шпанскиот шампионат. Денешното реми дополнително ќе го компликува статусот на холандскиот стратег Роналд Куман, кој подолго време е мета на критики во јавноста и сериозно му се заканува заминување од клупата на славниот клуб.

Извештај од натпреварот:

Каталонците со Депај, Де Јонг и Дамир во офанзивата имаа тотална контрола во првиот дел, односно 78% посед на топката, но ниту тоа не беше доволно за вистинско возбудување пред домашниот гол. Кадиз одлично се бранеше и не попушти под притисокот на големиот фаворит, па Барса првиот дел го заврши со само еден удар кон противничкиот гол.

Ништо не се промени ниту на стартот од второто полувреме, во кој искусниот Негредо имаше фантастична прилика за отворање на резултатот, но Тер-Штеген со уште поубава парада ја сочува мрежата. Проблемите на Куман се продлабочија во 65. минута, кога Френки Де Јонг поради енергичен фаул доби втор жолт картон и предвреме го заврши натпреварот, па гостите од Барселона со играч помалку немаа сили за ништо повеќе од уште едно реми, трето оваа сезона. Во последните десетина минути се играше супер-отворено и се редеа шанси и пред Ледезма и пред Тер Штеген. Најзрелата ја имаше Депај, на додавање на Пике во 93. минута, но биеше за малку крај дирекот.

Во следното коло на „Камп Ноу“ гостува Леванте без Енис Барди, кој поради повреда извесен период е надвор од терените, додека Кадиз ќе патува кај Рајо Ваљекано на Столе Димитриевски.