Пожарот кај Тјентиште се заканува да се прошири на една од последните европски прашуми Перучица и да зафати голем дел од националниот парк Сутјеска во источниот дел на Босна и Херцеговина, најавија властите и повикаа на ангажирање на специјализирани летала од Србија, за што се спорат српските и бошњачки функционери.
Според Борис Трниниќ, директор на Управата за цивилна заштита на Република Српска, во Националниот парк Сутјеска гори вековна четинарска шума. На терен се голем број противпожарни екипи, а им помагаат и хеликоптери на Министерството за внатрешни работи на Република Српска на чија територија се локацциите.
„Човечките и техничките ресурси се речиси исцрпени и доколку не се ангажира поголем противпожарен авион од Република Србија, може да се случи еколошка катастрофа во прашумата Перучица и на целата територија на Националниот парк Сутјеска“, рече Трниниќ.
Испратил барање за ангажирање специјализиран противпожарен хеликоптер од Србија, кој има можност да носи 5.000 литри вода во еден налет. Се работи за руски хеликоптер од типот „Камов“.
Но, за да може српскиот хеликоптер да оперира во Босна и Херцеговина, потребно е одобрение од бошњачките министри во Советот на министри на Босна и Херцеговина, кои се задолжени за ресорите за одбрана, транспорт и надворешни работи.
Нивниот колега на чело на Министерството за надворешна трговија и економски односи, Сташа Кошарац, испратил повик за ангажирање на хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи на Република Србија.
„Доколку не се даде согласност за ангажирање хеликоптер од Србија, на националниот парк Сутјеска му се заканува штета од несфатливи размери. Тоа не смееме да го дозволиме“, напиша Кошарац на социјалните мрежи.
На почетокот на летото, министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, и министерот за внатрешни работи на ентитетот на Република Српска, Синиша Карана, потпишаа договор за распоредување на противпожарни хеликоптери во областа Требиње. На ова се спротивставија бошњачките министри во државниот совет на министри, тврдејќи дека таков договор не можат да постигнат ентитетите туку државните органи и дека со овој потег се нарушува суверенитетот на државата Босна и Херцеговина.
Местото на пожарот, Тјентиште, е познато по споменикот на партизанските борци кои загинаа во битката на Сутјеска во мај 1943 година, кога претрпеа големи жртви во операцијата на нацистичките сили, кои, сепак, не успеаја целосно да ги уништат.
Прашумата Перучица, пак, е една од последните во Европа и содржи голем број дрвја стари околу 300 години. Регистрирани се повеќе од 170 видови дрвја и грмушки и над 1.000 видови тревни растенија, од кои многу се ендемични.