Министерот за внатрешни работи на Бугарија му упатил покана за информативен разговор на екс-премиерот Бојко Борисов, соопшти лидерот на ГЕРБ, неочекувано појавувајќи се на денешниот брифинг во седиштето на партијата, посветен на најавата на ГЕРБ дека ќе побара оставка од Централната изборна комисија поради неправилностите и лошата организација на гласањето на дијаспората.
„Тој ме кани да се јавам во четврток во 10 часот на распит кај инспектор задолжен за прибирање на потребните информации. Во поканата пишува дека треба да си носам и лична карта“, објасни Борисов.
Рече дека не му е јасно која е причината поради која е повикан на информативен разговор во Генералниот директорат на полицијата.
„Најверојатно ќе ме прашат зошто сум учествувал на изборите и како ги победив во Софија. Зошто бев нивни лидер? Зошто партијата ми е толку силна дури и кога не сме на власт? ГЕРБ им е коска во грлото. Се надевам дека ќе излезам жив. Може и да ме задржат“, изјави револтирано Борисов.
Неодамна, техничкиот министер за внатрешни работи, Бојко Рашков, информира дека бившиот премиер ќе биде предмет на проверка поради сомнежите дека вршел притисок врз сведок, кој е подготвен да даде исказ пред иследниците за коруптивни дела поврзани со Борисов. Според неговите зборови, Борисов му упатил смртни закани на некој бизнисмен кому му рекол дека „семејството нема да знае дали го јаде неговото месо“.
Борисов денеска рече дека не се сеќава дека некому вршел притисок, обвинувајќи го актуелниот министер дека тоа е негов манир на однесување.