Премиерот Никола Гревски раскажа дека во периодот на студентските денови тренира бокс во еден клуб во Скопје.
„Тоа е интересен спорт, тоа е спорт кој не само што ве подготвува добро, затоа што за бокс има најтежок тренинг, бидејќи во боксот сте сам. Или сте подготвени или сте на патос“, рече Груевски при гостувањето во емисијата „Interview 20“ на босанската телевизија БХТ, во разговорот со уредничката на емисiјата Санела Прашовиќ Гаџо.
Премеирот истакна дека не бил многу на патос, за таму мора многу да сте подготвени и затоа има многу тежок тренинг, а според него мора да бидете физички одлично подготвени, тактички подготвени и психолошки добро подготвени.
„Јас тренирав околу пет години подоцна прекинав со тој спорт, а сега се занимавам со други спортови. Најчесто играм фудбал, понекогаш ракомет или возење велосипед или нешто друго, но она што од боксот ми остана како помош во мојот развој е што боксот е таков спорт што прво ве учи многу да го респектирате противникот, оној момент кога ќе го потцените противникот во боксот, вие сте на патос. Така е и во политиката“, вели Груевски.
Тој додава дека „боксот е спорт каде што се учите да издржите и пораз и да се подготвите за следниот пат да победите. Но морате многу да работите, за да победите“.
„Во боксот нема живот на стара слава, мора постојано да сте подготвени, постојано да давате се од себе, постојано да сте добри, одлични ако сакате да победувате. Тоа што порано сте биле добар, нема воопшто да ви помогне во оние девет минути на ринг. Таму се учат многу други работи кои што се од психолошка природа не само од спортска, физичка природа. И тоа помага низ животот на секој човек“, вели Груевски во интервјуто за БХТ.