Селекцијата на Бразил се пласираше во финалето на јужноамериканското фудбалско првенство откако ноќта кон средата во Бело Хоризонте во полуфиналето со 2:0 ја совлада Аргентина, но бурни се реакциите бидејќи се чини дека „Гаучосите“ беа оштетени за два недосудени пенала.
Габриел Жезус го доведе во водство Беазил во 19 минута по додавање на Роберто Фирмињо, кој пак во 71 минута од контранапад го зголеми водството на домаќинот на годинешното издание на Копа Америка.
Аргентина имаше свои шанси и во првото полувреме Серхио Агуеро ја погоди пречката, а Лионел Меси во 56 минута ја погоди стативата.
Аргентина која го нема победено Бразил на некое големо натпреварување уште од 2005 година, со право бараше и два пенала по прекршоците на Дани Алвеш и Артуро над Агуеро и Отаменди, но еквадорскиот судија Роди Замбрано ниту покажа на белата точка, ниту бараше асистенција од ВАР-от. Според многу оцени, очигледно е дека и во двата случаи бразилските играчи намерно во својот казнен простор ги соборуваат аргентинските напаѓачи.
Аргентинците особено се лути на првата ситуација, кога Меси одлично продре низ бразилската одбрана го проигра Агуеро во казнениот простор, но таму прво со рака а потоа и со нога го собори Дани Алвеш. Интересно е што на очигледниот пенал, не реагираа од ВАР-контролата, а во продолжение токму на оваа акција Бразил го постигна и вториот погодок.
Аргентина можеше да се врати во мечот, но судијата повторно не покажа најстрога казна иако се чини тоа беше неизбежно. При изведен корнер Артур го следеше Отаменди кој се подготвуваше за скок и излегувајќи од блокот скокна директно кон него погодувајќи го со лактот во вратот.
„На оваа Копа ги повикуваа ВАР-от за секакви работи, а во двете ситуации која требаше да се судат пенали за нас, никаде го немаше. Неверојатно! Се надевам дека CONMEBOL (јужноамериканската асоцијација) ќе стори нешто ова да се измени, но мислам дека тоа нема да се случи, бидејќи Бразилците држат сѐ во свои раце и не смееше тие да бидат елиминирани“, изјави по мечот капитенот на Аргентина, Лионел Меси.
„Тоа беа два чисти пенала за нас кои не беа досудени“, беше дециден Меси на повтореното новинарско прашање.
Бразил, кој досега на 42 средби под водство на селекторот Тите само двапати загуби, во недела во финалето на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро ќе игра против победникот од средбата меѓу Перу и бранителот на титулата Чиле.
https://www.youtube.com/watch?v=oQz29HFgT_w