Шокантни снимки се емитуваат од Бразил, каде полицаец го застрелал голманот на Гремио Анаполис, Рамон Соуза, со гумен куршум од пушка по мешаницата на работ од теренот по натпреварот.
Натпреварот од 12. коло на регионалниот шампионат меѓу Гремио Анаполис и Сентро Оесте (1:2) беше одбележан со неверојатна сцена. За време на гужвата на играчите по последниот судиски свиреж покрај работ на теренот крај корнер знаменцето, полицаец со гумен куршум го застрелува голманот Рамон Соуза во ногата, по што играчите се разотидоа.
Лекарската служба веднаш му помогнала на теренот на повредениот голман, кој потоа со возило на брза помош бил пренесен во локалната болница.
На социјалните мрежи се шири видео од моментот во кој јасно се гледа како припадник на обезбедувањето пука во играч од непосредна близина. Во Гремио Анаполис останаа шокирани од потегот на припадниците на единицата CPЕ.
„Ужасно, ова е неверојатен и криминален чин од некој кој треба да ја штити безбедноста и интегритетот на луѓето кои беа на стадионот… Ќе ги преземеме сите можни правни чекори за да го изведеме одговорното лице пред лицето на правдата и да обезбедиме правдата да биде задоволена Овој криминален чин не смее да помине неказнето“, се вели во соопштението за бразилските медиуми.
Одделот за комуникации на Воената полиција на државата Гојас извести дека „веднаш е започната истрага за да се утврдат сите факти“.
За настанот се огласи и Министерството за спорт преку соопштение, оценувајќи го случајот како „неприфатлив“ и наведува дека ваквото однесување на Воената полиција е „спротивно на основните принципи на безбедност и физички интегритет кои мора да се гарантираат“.