ВИДЕО| Британски земјоделци протестираа во центарот на Лондон

Незадоволни земјоделци со над 150 трактори се упатија кон британскиот парламент во понеделникот вечерта, во знак на протест против регулативите по Брегзит и трговските договори за кои велат дека ќе ја загрозат егзистенцијата и да ќе ја нарушат безбедноста на храната.

Трактори со знамиња на Обединетото Кралство возеа низ Лондон и низ Вестминстер, носејќи транспаренти со слогани како „Зачувај го британското земјоделство“ и „Нема земјоделство, нема храна, нема иднина“. Ова е најголем протест што го започнаа земјоделците ширум земјата.

Според земјоделските групи „Save British Farming“ и „Fairness for Farmers of Kent“, кои го организираа протестот, евтиниот увоз на храна и неподдржаните политики ја ставаат безбедноста на храната во земјата во голем ризик.

Активистите ги критикуваа земјоделските планови на владата на Британија, како и новите давачки на фармите за управување со животната средина, велејќи дека заедно со слабите трговски договори, „непостоечките“ контроли на увозот и погрешното етикетирање, се уништува земјоделството во земјата.

Организаторите укажаа на трговските договори склучени со Нов Зеланд и Австралија откако Обединетото Кралство официјално ја напушти Европската унија, како и договорот CPTPP со 11 земји, вклучувајќи ги Канада, Јапонија и Мексико. Ова беше удар за британскиот земјоделски сектор, кој некогаш беше на рамноправен терен со европските земјоделци. Активистите истакнаа дека нивните колеги во ЕУ сè уште добиваат владини субвенции и можат да ги извезуваат своите стоки.

Згора на тоа, фармерите кои протестираа го истакнаа недостатокот на соодветни проверки на увозот, кои овозможуваат нестандардна храна да влезе во земјата.