ВИДЕО| Четири деца смртно настрадаа во пожар во Нови Пазар

Четири деца смртно настрадаа во неделата рано претпладнето во пожар кој избувнал во дом во јужниот српски град Нови Пазар, а родителите се борат за живот, соопшти тамошната полиција.

Во станот во кој се разгорел огнот спасувачите откриле теле на четири деца, коишто веројатно починале од задушување со јаглерод моноксид, додека во соседната соба биле пронајдени родителите.

Мајката и таткото со тешки телесни повреди и изгореници се префрлени во болница, каде лекарите се борат за нивните животи, известува Вечерње Новости.

Пожарот избувнал околу 7 часот, и покрај тоа што противпожарните екипи брзо, за само четири минути по пријавата, стасале на самото место, за жал, за децата немало спас. Лекарите на самото место на трагедијата можеле само да констатираат смрт на децата, пренесува порталот А1tv.net.

Пожарот е брзо ставен под контрола и изгаснат, а истрагата ќе ги утврди причините за пожарот и задушувањето на децата, соопшти српското Министерство за внатрешни работи. Се додава дека поради претпазливост, екипа на противпожарната служба и на итната медицинска помош останале пред зградата.