Четири лица загинале во бурата Филомена којашто предизвика невиден хаос во сообраќајот во целата земја, го прекри главниот град Мадрид со најдебелата снежна прекривка во последните неколку децении и ги принуди властите да ја мобилизираат војската за спаување на луѓето заробени во возилата на патиштата.
Спасувачките служби дошле до 1.500 луѓе заробени во возилата, а скијачи се спуштаат по Гран Виа, инаку една од најфреквентните улици на Мадрид. Други жители на шпанската престолнина, пак, снежната бура ја искористила за сноубординг по улиците.
Маж и жена, кои патувале со автомобил се удавиле кога во близина на Малага, на шпанскиот југ, се излеала река, а двајца бездомници, во Мадрид и во Калајатуда на истокот, починале од смрзнување, соопштија властите.
„Кралското семејство сака да изрази жалење поради жртвите во бурата и бараат крајна внимателност поради мразот и снегот“, објавија на Twitter кралот Фелипе Шести и кралицата Летиција.
Министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка ги повика Шпанците да ги одложат сите патувања кои не се неопходни.
„Се соочуваме со најсилната бура во последните педесет години“, предупреди Гранде-Марласка.
Додаде дека снегот блокирал 650 патни правци, како и дека некои возачи останале заробени во нивните возила од петокот вечерта до саботата.
Мадридскиот аеродром во Барахас беше затворен во петокот вечерта, и на него нема да бидат изведувани никакви операции поврзани со летови до крајот на денот.
Според државната метеоролошка агенција, станува збор за најголемите снежни врнежи во Шпанија од 1971 година, а Хозе Мигуеал Вињас, метеоролог на шпанското национално радио, објави дека во Мадрид наврнале од 25 до 50 сантиметри снег, што е најмногу од 1963 година.