ВИДЕО| CIA со видео се обидува да регрутира руски разузнавачи

Американската Централна разузнавачка агенција (CIA), повторно како и повеќепати претходните години, објави видео со висока продукција на руски јазик во обид да ги убеди руските разузнавачи да ја сменат страната и да станат двојни агенти на Вашингтон.

Директорот на CIA, Вилијам Барнс, поранешен амбасадор во Москва, ланскиот јули изјави дека наводното незадоволството кај некои Руси поради војната во Украина создавала „единствена можност за регрутирање шпиони“ и дека неговата служба „нема да ја пропушти“.

Видеото објавено на официјалниот канал на CIA на Х е насочена на „руските патриоти вработени во разузнавачката заедница кои се сметаат за предадени од корупцијата во елитните кругови и лошата опрема и снабдување на руските вооружени сили“.

„Оние околу вас можеби не сакаат да ја слушнат вистината. Но ние сакаме. Не сте беспомошни“, им се кажува речиси триминутното видео, во кое се наведени и начини како да стапите во контакт со американската агенција.

Главниот лик во видеото, придружен со меланхолична класична музика, е измислен 35-годишник, вработен наводно во воена разузнавачка агенција. Тој е претставен како „патриот кој ја сака Русија и некогаш служел како падобранец“.

„Дали имам доволно храброст да се спротивставам на ова предавство?“, вели тој во видеото, пред да открие дека „сфатил дека вистинските непријатели во Русија се корумпираното раководство и елитата“.

„Највисокото раководство ја продаде земјата за дворци и јахти, додека нашите војници џвакаат скапани компири и пукаат од праисториско оружје. Нашите луѓе се принудени да плаќаат мито за да најдат работа“, продолжува наводниот 35-годишник во видеото, кое ги спојува снимките од бледата руска зима со луксузни автомобили и шампањ.

Главниот лик потоа истакнува дека „неговиот патриотизам го поттикнал“ да соработува со CIA, а на крајот се гледа како контактира со таа американска агенција.

Кремљ ги отфрли наводите за лошо опремена војска изнесени на видеото. Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков на редовниот дневен брифинг потсети дека ваквата практика на користење на медиумите и социјалните мрежи за регрутирање е вообичаена и додаде дека CIA направила грешка бидејќи го објавила видеото на Х, поранешен Twitter, мрежа која е забранета во Русија и може да се пристапи само преку VPN.

„Некој треба да ѝ каже на CIA дека кај нас ВКонтакте е многу попопуларен од забранетиот Х и дека таму публиката е многу поголема“, беше сакрастичен Песков, именувајќи ја руската социјална мрежа.