(ВИДЕО) Црквата и политичарите интервенираат во спорот околу кипарската песна за Евровизијата

Кипарската православна црква и владата на островската земја членка на Европската унија се вмешаа во спорот околу песната којашто Кипар ќе го претставува на изборот за песна на Евровизијата во мај, а во фокусот на конфронтрациите е дали е неопходен изразот „ѓавол“.

Песната „El Diablo“, шпански збор за ѓавол, којашто ја изведува Елена Цагрину, е на ударот на жестоки критики, бидејќи зборува за ѓаволот како што и сугерира насловот.

Во изјавата за јавноста од вторникот вечерта, Православната кипарска црква ја повика владата да ја повлече песната, а владата тоа одби да го стори. Петицијата против нумерата дигитално досега ја потпишале над 16.000 лица.

„Владата би требало да го откаже учеството на оваа песна во таквата форма. Заменете го тој израз со некој друг кој ја одразува нашата историја, традиција и она за што се залагаме“, објави Црквата.

Портпаролот на кипарскиот претседател Никос Анастасијадес, во средата зборуваше за „уметничката слобода“. „Тоа е музички натпревар, да не му придаваме непотребна димензија“, изјави портпаролот Викторас Пападопулос за кипарската телевизија Alphanews.

Претходно во петокот кипарската национална телевизиска мрежа RIK примила анонимни закани дека ќе биде запалено нејзиното седиште. Државната телевизија притоа објасни дека песната не го слави ѓаволот, туку дека зборува за борбата меѓу доброто и злото и млада жена која сака да прекине лоша врска.

Автори на песната „Ел дијабло“ се Џими Торнфилд, Лорел Баркер, Окса и Томас Стенгард.

Годинешното издание на Евровизија, која минатата година беше одложена поради пандемијата на коронавирусот, треба да се одржи во холандскиот град Ротердам од 18-ти до 22-ри мај.