(ВИДЕО) Демонстрантите во Киргистан влегоа во парламентот и го ослободија поранешниот претседател

Демонстрантите во Киргистан во вторникот рано утрото упаднале во централната административна зграда во главниот град Бишкек по парламентарните избори минатиот викенд чии резултати ги оспоруваат, а од затвор го ослободија поранешниот претседател, додека актуелниот шеф на државата тврди дека ситуацијата е под контрола.

Група луѓе упаднала во киргистанската Бела куќа, каде што се сместени кабинетот на претседателот Сооронбај Жеенбеков и парламентот, објави новинската агенција Akipress.

Локалните медиуми пренесуваат дека приврзаниците го ослободиле затворениот поранешен претседател, 64-годишниот Алмазбек Атамбаев од затворот на Државниот комитет за национална безбедност.

Демонстрантите, кои бараат оставка од претседателот Жеенбеков и одржување нови парламентарни избори, не наишле на никаков отпор, тврдат очевидци на кои се повикува агенцијата AFP.

Опозицискиот политичар и поранешен функционер Курсан Асанов го преземал министерството за внатрешни работи, рекол во вторникот портпаролот на ова министерство, пренесува агенцијата Reuters.

Во вторникот оставка поднел градоначалникот на Бишкек, Азис Суракматов, изјавила за агенцијата РИА, неговата советничка Гуља Алмамбетова. Според неа, тој „ја напишал изјавата (…) по сопствена желба“.

Во вторникот утрото кабинетот на претседателот објави дека Жеенбеков „ја контролира ситуацијата иверува дека политичките сили ќе го стават државниот интерес над сопствените“.

Безредијата во оваа централноазиска поранешна советска република започнаа во понеделникот, кога илјадници приврзаници на политичката опозиција го запоседнаа централниот плоштад Ала-Тоо во Бишкек, барајќи изборите да бидат поништени.

Демонстрантите се прекачуваа преку оградата на зградата на парламентот и палеа автомобили. Безбедносните сили им се спротиставија со водени топови, созлавец и шок-гранати. Во извештаите се наведува дека над 590 луѓе, меѓу кои и полицајци, се повредени и примени во болниците, а еден е загинат, според министерството за здравство.

Меѓутоа, како што известува AFP, демонстрантите во затворот не наишле на никакво отпор и го ослободиле поранешниот претседател Атамбаев, „без употреба на оружје и без сила“, изјави Адил Турдуков, еден од неговите приврзаници кои учествувал во акцијата. Видеоснимките објавени на социјалните мрежи покажуваат како Атамбаев им отпоздравува на своите приврзаници.

Во јуни годинава Атамбаев е осуден на 11 години затвор поради корупција. Утврдено е дека во текот на неговиот мандат од 2011 до 2017 година организирал ослободување на познат мафијашки шеф.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), која независно од далечина ги следела изборите во Киргистан, соопшти дека изборите се нарушени со „веродостојни обвинувања за купување гласови“.

Според официјалните податоци на изборната комисија, на изборите во водство се двете партии од владината коалиција, новооснованата демократско-социјалистичка партија Биримдик (Единство) и Мекеним Киргистан (Мојата татковина Киргистан), секоја со по околу четвртина од освоените гласови. Поддржувачите на партиите кои ги загубија изборите, една од нив е Социјалдемократи на Киргистан, која ја води Сејитбек Атамбаев, синот на затворениот поранешен претседател, бараат поништување на разултатите од изборите во неделата и спроведување ново гласање.

Во поранешната советска централноазиска република со 6,5 милиони население често доаѓа до политичка дестабилизација. Во последните 15 години двајца претседатели беа соборени со бунтови, а третиот беше осуден откако се разиде со својот наследник.

Новата нестабилност во регионот ја загрижуваат Русија којашто во Киргистан има воздухопловна воена база, а веќе е преокупирана со големите кризи во кои се вмешани нејзините соседи поранешни советски републики: Белорусија поради протестите против претседателот Александр Лукашено, како и Ерменија и Азербејџан вклучени во новиот воен конлфикт околу јужнокафкаскиот регион Нагорно Карабах.