ВИДЕО| Десет мртви во пукање во училиште за возрасни во Шведска

Шведската полиција во вторникот објави дека „околу десет луѓе“ биле убиени во напад во училиште за образование на возрасни во Шведска, и дека верува дека напаѓачот е меѓу загинатите.

Иако се уште не се познати мотивите на напаѓачот, полицијата изјавила дека верува дека дејствувал сам и дека најверојатно не се работи за терористички напад.

Престрелката се случила во Eребрu, околу 200 километри западно од Стокхолм, во училиштето Рисбергска за возрасни кои не го завршиле своето формално образование или немале добри оценки за да продолжат со високото образование. Училиштето се наоѓа на кампус во кој се сместени и училишта за деца.

Во престрелката нема повредени полицајци, соопшти полицијата. Брза помош, спасувачки служби и полиција се на местото на настанот, изјави портпаролот на локалните спасувачки служби.

Еребру e  еден од поголемите градови во Шведска со околу 126.000 жители, кој се наоѓа во средишниот дел од државата.

Шведскиот министер за правда Гунар Стромер изјави за Ројтерс дека владата е во близок контакт со полицијата и внимателно го следи развојот на настаните.

Шведска се соочува со низа престрелки и бомбашки напади предизвикани од ендемичен проблем на криминалните банди, иако смртоносните напади во училиштата сè уште се ретки.

Десет лица се убиени во седум инциденти на смртоносно насилство во училиштата меѓу 2010 и 2022 година, покажуваат податоците на Шведскиот национален совет за спречување на криминал.

Во едно од најистакнатите вакви злосторства во изминатата деценија, 21-годишен маскиран вооружен напаѓач, управуван од расистички мотиви, уби асистент и момче и рани уште две лица во 2015 година.