Видео-Димовски: Не може да ви бидеме робови седум дена во неделата, ќе блокираме сѐ

„Без пари нема работа“, „Зголемување на платата за 2.806 денари, веднаш ,за сите“, „Без лихвари, газди и банкари можеме, без работници не можеме“, „Договори за вработување на неопределено време“, „Стоп за мобинг“, се само некои од пораките што можеа да се забележат на првомајскиот протест на Сојузот на синдикатите на Македонија.

„Не може, работодавачи и газди, да ви бидеме робови седум дена во неделата. Ќе блокираме сѐ и многу лесно овој протест ќе прерасне во штрајк, а тоа значи прекин на работата за време на работното време. Ако ние трпиме штета и вие ќе трпите штета“, порача претседателот на ССМ, Дарко Димовски, на протестот, упатувајќи ги уште еднаш барањата на синдикатите за линеарно зголемување од 2.806 денари на сите плати во државата и повлекување на одлуката за „недела неработен ден“ од Уставниот суд.

Како што истакна тој, овие барања треба да се исполнат што поскоро.

-Зголемувањето на платите треба да се случи ден побрзо затоа што економската криза нѐ „изеде“, инфлацијата е сѐ поголема и тие пари ни се се понеопходни. Да ја повлечете претставката за недела неработен ден, затоа што тоа е реалност во земјава – работникот го користи тој бенефит – одмора“, посочи претседателот на ССМ.

Денешниот протест започна пред зградата на ССМ, а ќе заврши пред Владата од каде, како што соопшти Димовски, ќе бидат испратени уште јасни и гласни пораки.