ВИДЕО| Досега илјада мртви во земјотресот во Авганистан, но бројката веројатно ќе расте

Земјотресот со магнитуда 6,1 усмртил најмалку 1.000 луѓе во Авганистан во средата утрото, а повеќе од 1.500 се повредени, пренесе ржавната новинска агенција повикувајќи се локалните власти и додава дека се очекува да порасне бројката на жртвите со пристигнувањето на информациите од оддалечените планински села.

На фотографиите објавени во авганистанските медиуми се забележуваат куќи претворени во урнатини, додека човечки тела замотани во ќебиња лежат на земјата.

Во спасувачките напор вклучени се хеликоптери за транспорт на повредените и снабдување со лекови и храна, изјавил функционерот во министерството за внатрешни работи Салахудин Ајуби.

„Бројката на мртвите веројатно ќе расте, бидејќи некои села се во зафрлените планински области и ќе мине извесно време да се соберат податоците“, додал Ајуби.

Земјотресот во средата е најсмртоносниот од 2002 година. Епицентарот бил на околу 44 километри од југоисточниот град Кост, близу границата со Пакистан, објави Американскиот геолошки завод (USGC).

Повеќето потврдени смртни случаи се забележани во источната провинција Пактика, каде што загинале 255 луѓе а повеќе од 200 други биле повредени, додал Ајуби. Во провинцијата Кос се пријавени досега 25 загинати а 90 се згрижени во болниците. Хабитула Ахунџада, врховниот водач на владејачките талибани, ѝ изрази сочувство на нацијата во изјава за јавноста.

Земјотресот го почувствувале околу 119 милиони луѓе во Пакистан, Авганистан и Индија, објави на Twitter Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC). Меѓутоа, досега нема информации за жртви или оштетувања во Пакистан.

Дополнителен предизвик за авганистанските власти се неодамнешните поплави во многу региони, за коишто тамошната агенција за управување со катастрофи објави дека однеле 11 жртви. Покрај тоа, повредени се 50 лица и блокирани се делници од автопати.

Катастрофалниот земјотрес и штетите доаѓаат во времето кога Авганистан се бори со тешка економска криза, откако ланскиот август талибаните се вратија на власт, по хаотичното повлекување на меѓународните сили предводени од САД по две децении војна.

Покрај тоа Вашингтон замрзна големи средства во западните банки, до кои новата власт во Кабул нема достап. И американските сојузници воведоа санкции за авганистанскиот банкарски сектор и запреа милијарди долари помош за развој.

Меѓутоа, хуманитарната помош продолжи и меѓународните агенции работат. Агенцијата за координација на хуманитарните активности (UNOCHA) соопшти дека Авганистан побарал од хуманитарните агенции да помогнат во спасувањето и оти екипи се испратени во погодената област. Од своја страна авганистанското министерство за надворешни работи возврати дека секоја меѓународна помош е добредојдена.