Во рудникот Распоточје се затрупани 34 рудари, по земјотрес кој го погодил тој дел од Босна и Херцеговина. Сите се живи, а напорите за нивно спасување ги даваат првите резултати, јави рано утринава агенцијата Фена.
Спасувачките служби и техничкиот тим кој работат на спасување добро напредуваат кон местото каде што се наоѓа групата рудари.
„Екипите кои работат напредуваат подобро отколку што очекувавме и наредните неколку часа очекуваме првите рудари да излезат надвор,“ изјави Есад Ќивиќ директор на рудникот.
Според информациите од терен, рударите се во добра состојба, имаат доволно воздух бидејќи системите за вентилација и покрај ударот, работат.