ВИДЕО| Двајца играчи на Легија приведени по натпреварот против АЗ

Холандската полиција приведе две лица по натпреварот меѓу АЗ и Легија во Алкмар без да откриe поединости, но полските медиуми пишуваат дека се приведени играчите на Легија, Португалецот Жозуе и Србинот Радован Панков.

Полските медиуми пишуваат и дека во мешаниците по натпреварот полицијата го претепала и претседателот на клубот Дариуш Миодуски.

Полицијата соопшти дека двајцата уапсени се осомничени за кривично дело напад, објави холандската агенција Algemeen Nederlands Persbureau (APN). Сепак, полицијата не можела да каже што точно се случило.

Снимките кои кружат на социјалните мрежи, наводно, покажуваат судири меѓу припадници на обезбедувањето и полицијата со претставниците на Легијата во близина на клубскиот автобус. Полските медиуми пишуваат дека дошло до туркање и тепачка со обезбедувањето, кое не сакало да го пушти тимот надвор од стадионот. Наводно затоа што навивачите на полскиот тим во тој момент почнале да го напуштаат својот сектор, па обезбедувањето ја сметало ситуацијата опасна.

Ситуацијата ескалирала, а во мешаницата настрадал и претседателот на полскиот клуб, Дариуш Миодуски, а еден од тренерите е удрен во лицето и грбот. На социјалните мрежи се појави информација дека еден од обезбедувањето паднал на земјата и се здобил со потрес на мозокот и скршеница на раката.

Во еден момент полицијата наводно се заканувала дека насилно ќе влезе во автобусот доколку Панков не се симне. Околу еден час по почетокот на немирите, полицајците ги одвела Србинот и капитенот на тимот Жозуе.

Полските медиуми пренесуваат дека полицијата не сакала да ги извести претставниците на Легија каде се пренесени играчите. На крајот клубот преку свои канали утврди дека се во близина на Амстердам. Официјалните лица одбија да објават информации за судбината на играчите, велејќи дека се плашат дека навивачите ќе се обидат да ги извадат. Клубот сега се обидува да интервенира во конзулатите на Србија и Португалија.

Во полскиот клуб се гневни на однесувањето на обезбедувањето и полицијата, а еден од клупските челници, Јарек Јанковски, сето тоа го опиша како „апсолутен скандал“.

„Физичкиот интегритет на неколку играчи и членови на персоналот беше нарушен од обезбедувањето и полицијата. Ситуација без преседан“, пишува Јанковски на социјалните платформи.

Пред натпреварот имаше немири и околу стадионот. Холандскиот дневен весник Noordhollands Dagblad објави за судири меѓу навивачите на Легија и полицијата пред натпреварот. Еден од полицајците наводно изгубил свест, а навивачите им ги одзеле палките и спрејот на полицајците. Полицијата употреби солзавец за да ги спречи навивачите, но некои ги пробија влезните порти на стадионот. Во центарот на градот, пак, било мирно.

АЗ ја победи Легија со 1:0 со голот на Вангелис Павлидис во 52. минута, а во вториот натпревар од групата Астон Вила го совлада Зрињски со голот на Џон Мекгин во четвртата минута од судиското надополнување. По две кола, сите четири екипи имаат по три бода.