
Двајца мажи се убиени а уште осум други лица се ранети во пукање во центарот на американски Минеаполис, објави полицијата во саботата.
„Од десетте настрадани сите се возрасни, пет мажи и пет жени. Двајцата починати се мажи, седум ранети е во болница и нивните животи не се загрозени, додека еден е во критична состојба“, се наведува во едно од соопштенијата на полицијата.
„Во моментов нема реална опасност за јавната безбедност. Вратен е редот на местото на настанот и соседните области“, додаде полицијата во следниот твит и додава дека се истражуваат околностите за инцидентот и дека засега нема уапсени во врска со тоа.
Идентитетите на жртвите и настраданите, како и на евентаулно осомничени, засега не се објавени.
На пукањето му претходела расправија меѓу две лица кои и двајцата извадиле пиштоли и започнале меѓусебна престрелка, поред портпаролот на полицијата на Минеаполис, Џон Алдер.
Најновиот инцидент со употреба на огнено оружје во Минеаполис следи по неколкуте неодамнешни престрелки во градот. Меѓу нив е и смртта на шестгодишно девојче застрелено во главата додека се возело во автомовил, за што исто така нема никој осомничен и уапсен.
Минеаполис се подготвува следната седмица да го одбележи полициското убиство на афроамериканецот Џорџ Флојд кое предизвика до масовни антирасни протести и безредија ширум САД па и во Европа. Полицаецот Дерек Шовен е прогласен за виновен за убиство, а изрекувањето на казната се очекува на 25-ти јуни.