ВИДЕО| Двајца шведски навивачи убиени во Брисел

Двајца шведски државјани се убиени од огнено оружје во белгиската престолнина Брисел, неколку часа пред почетокот на натпреварот од квалификациите за ЕУРО 2024, меѓу селекциите на Белгија и Шведска.

Според написите во белгиските медиуми, сторителот недалеку од Плас Сенктелет наводно се симнал од мотоцикл и отворил оган од автоматско оружје усмртувајќи две лица за коишто се наведува дека биле во дресови на шведската репрезентација.

Според веб-сајтот Het Laatste Nieuws, сторителот првично отворил оган кон група луѓе на улицата, кои се обиделе да побараат засолниште во затворени простори. Напаѓачот тогаш наводно пукал во двајца мажи во такси возило, а потоа побегнал.

На социјалните мрежи е вирална снимка на коај маж, веројатно сторителот на нападот, на арапски зборува дека ќе ја одмазди смртта на муслиманите, како дека застрелал тројца Швеѓани. На снимката, како што пренесува Sudinfo, мажот тврди дека е припадник на џихадистичката терористичка организација Исламска држава.

„Живееме за својата вера, умираме за својата вера“, вели мажот во едно од видеата.

Портпаролката на белгиската полција потврди дека две лица се убиени во пукање во близина на центарот на Брисел, но одби да даде дополнителни поединости.

Електронското издание на весникот Le Soir објави дека полицијата е на трагот на напаѓачите, што алудира дека осомничениот имал помагачи, како и дека припадниците на сите безбедносни служби се на терен.

Натпреварот меѓу Белгија и Шведска се игра на стадионот „Крал Бодуен“, кој се наоѓа на околу пет километри од местото каде што се случило двократното убиство.

Како што објавија шведските медиуми, претседателот на шведската фудбалска федерација Фредерик Реинфелд по веста за пукањето заедно со шефот на обезбедувањето на селекцијата Мартин Федман ги напуштил трибините на стадионот.