ВИДЕО| Една жртва во опожарување на автомобил „Tesla Cybertruck“ пред хотел на Трамп во Лас Вегас

Едмо лице загинало а уште седум други се повредени кога се запалил електричен автомобил „Tesla Cybertruck“ пред хотелот на избраниот американски претседател Доналд Трамп во Лас Вегас, известија локалните власти.

„Имаше седум полесно повредени лица, од кои две се пренесени во болница, едно загина во Cybertruck-от“, изјавија претставници на локалните власти на брифингот за медиумите.

Автомобилот експлодирал и се запалил. Едно лице во возилото починало, а седум други се здобиле со полесни повреди, соопшти полицијата.

„Во Tesla Cybertruck има едно починато лице, а не знаме дали е маж или жена“, изјави шерифот Кевин Мекмахил од Метрополитен полицискиот оддел во Лас Вегас на прес-конференција.

Тој додаде: „Во овој момент, истражуваме голем број траги и сè уште не сум подготвен да ви објавам ниту една од тие информации. Можам да ви кажам дека во моментов има седум настрадани кои се здобиле со повреди од експлозијата“. Тој рече дека тие повреди наводно се полесни.

Причината за пожарот не беше веднаш разјаснета. Мекмахил истакна дека властите се „многу добро запознаени“ за смртоносниот напад во Њу Орлеанс во средата, кога маж намерно влетал со камионет во толпата на новгоишната ноќ убивајќи најмалку 10 луѓе. Поради тајмингот, тој рече дека официјалните лица „ги преземаат сите мерки на претпазливост што треба да ги преземеме за да ја зачуваме нашата заедница безбедна“. „Бараме секундарни уреди“, додаде тој.

Претставник на Федералното биро за истраги (FBI) на истиот брифинг одби да го квалификува инцидентот како можен терористички чин.

Сепак, телевизиската мрежа ABC News, повикувајќи се на свои извори, објави дека безбедносните служби целосно не ја исклучуваат таквата верзија. Според информациите на телевизијата, во возилото имало лансеи за пиротехника.

Претходно во средата полицијата во Лас Вегас објави дека го истражува опожарувањето на возило во близина на „Trump Towers“, откако претходно на интернет стана вирална снимката од електричното возило Tesla Cybertruck во пламен.

Инцидентот привлече внимание, бидејќи „Trump Towers“ е делумно во сопственост на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој на 20-ти јануари ќе ја преземе должност. Од друга страна, возилата „ Cybertruck“ ги произведува компанијата „Tesla“, на милијардерот Илон Маск, најголемиот донатор во кампањата на Трамп и иден функционер во неговата администрација.  Според најавите, претрпиемачот ќе биде задолжен да раководи со Одделот за владина ефикасност (DOGE), и заедно со другиот челник на агенцијата Вивек Рамасвами, ќе имаат за цел да ги намалат милијардите федерални трошоци.