20.8 C
Skopje
понеделник, мај 6, 2024

(ВИДЕО) Епски пресврт на Манчестер Јунајтед, од 0-2 до 3-2 за победа со Аталанта!

Манчестер Јунајтед режираше епски пресврт против Аталанта, па од 0-2 дојде до 3-2 и прокнижи нови три бода во Лигата на шампионите. Гостите од Италија одиграа храбро, му се спротивставија на фаворизираниот ривал и водеа на полувремето, ама со добра игра Манчестер Јунајтед дојде до целосен пресврт.

Манчестер Јунајтед – Аталанта 3-2:

Иако „ѓаволите“ тргнаа подобро пред своите фанови, прва до предност дојде Аталанта. Течеше 15. минута кога Давиде Запакоста проби по десната страна, го проигра Марио Пашалиќ, а Хрватот реализираше од непосредна близина. Кога сите очекуваа реакција на Јунајтед, водството го удвои Мерих Демирал со глава, по корнер за Аталанта во 29. минута (0-2). Пред паузата Фред и Рашфорд промашија „златни“ шанси за Јунајтед да се врати во игра.

Осум минути им беа потребни во продолжението на „ѓаволите“ да го постигнат првиот гол. Иако во првото полувреме промашуваше, Маркус Рашфорд конечно успеа да погоди во 53. минута. Следеше серија шанси, МекТоминеј беше најблиску откако ја погоди стативата, а се обиде и Роналдо. На спротивната страна Запакоста и Запата го тестираа Де Хеа, па дури во 75. минута падна четвртиот гол.

Хери Мегвајер несвојствено за себе стрелаше со нога, по асистенција од Фернандеш. Вистински делириум во Манчестер предизвика Кристијано Роналдо. Португалецот по центаршут на Шо, со глава го матираше Мусо за 3-2 и пресврт во 81. минута. До крајот Аталанта се обиде да се врати, ама не успеа во тоа и загуби на „Олд Трафорд“.

Јанг Бојс – Виљареал 1-4:

Во оваа група се одигра и натпреварот меѓу Виљареал и Јанг Бојс во Швајцарија, а гостите во Берн славеа со 1-4. По три кола Јунајтед е лидер со шест бода, додека Аталанта и Виљареал имаат по четири, а Јанг Бојс освои три бода.

Лил – Севиља 0-0:

Во рамките на групата Г се одигра натпреварот во Франција меѓу Лил и Севиља, а заврши без погодоци (0-0) со делба на пленот.