Турција се согласила на привремено запирање на операцијата во северна Сирија, за да можат силите предводени од Курдите да се повлечат, соопшти американскиот потпретседател Мајк Пенс, кој е во посета на Анкара.
Сите воени операции ќе бидат запрени во текот на 120 часа, а САД ќе помогнат да се олесни „уредното повлекување“ на трупите предводени од Курдите од она што Турција го нарекува „безбедна зона“ на границата.
„Денес САД и Турција се согласија за прекин на огнот во Сирија“, рече Пенс за време на заедничката прес-конференција со државниот секретар Мајк Помпео.
Прекинот на огнот меѓу турската војска, поддржана од сојузниците милитанти, и борците предводени од Курдите, ќе трае 120 часа, според Пенс. Во овој рок курдските сили ќе се повлечат од појасот од 30 километри по должината на сириската граница, каде што Турција сака да формира „безбедна зона“.
Договореното запирање на борбите е опишано како „привремено“. Кога ќе се воспостави „постојан“ прекин, американскиот претседател Трамп ќе ги повлече воведените санкции против Анкара, објасни Пенс.
Процесот на повлекување на курдските милиции ќе биде помогнат од САД, рече Пенс без да образложува.
Преговорите меѓу Пенс и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган траеле повеќе од четири часа.