Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предаде 50 возила на украинската полиција и обвинителство како дел од одбележувањето на втората годишнина од руската инвазија, а Обединетото Кралство најави и нова воена и хуманитарна помош, јавуваат агенциите.
Теренските возила ќе помогнат да се „воспостави безбедност и стабилност на териториите ослободени од храбрите украински вооружени сили и ќе му помогнат на населението“, напиша фон дер Лајен на X, заедно со видеото на кое таа ги прегледува возилата во Киев, пренесе DPA во саботата.
„Оваа пратка доаѓа набргу откако ЕУ испрати модерна машина за деминирање во Украина. Со оваа опрема ја поддржуваме Украина во нејзините напори да ги направи ослободените области повторно безбедни“, рече таа, според соопштението на Европската комисија.
Обединетото Кралство, исто така, во саботата објави нов пакет помош за Украина во вредност од 245 милиони фунти (287 милиони евра) за муниција и 8,5 милиони фунти (9,9 милиони евра) хуманитарна помош, пренесе AFP.
Воената помош има цел „да ги зајакне синџирите на снабдување за производство на артилериска муниција што итно ѝ е потребна на Украина за да ги зголеми резервите“, соопшти британското Министерство за одбрана.
Велика Британија неодамна објави дека ќе ја зголеми воената помош за Украина, што ќе го направи во периодот 2024/2025 година и ќе изнесува 2,5 милијарди фунти (2,9 милијарди евра).
Заедно со повеќе од илјада ветени беспилотни летала, министерот за одбрана Грант Шапс во четвртокот во британскиот Парламент ја објави претстојната испорака на 200 противтенковски ракети од типот „Brimstone“.
Форин Офисот најави 6 милиони фунти помош за Црвениот крст и 2,5 милиони фунти за хуманитарен фонд за Украина.
Од почетокот на руската инвазија, Британија ѝ дала на Украина 357 милиони фунти хуманитарна помош, а вкупната британска помош изнесува 12 милијарди фунти (14 милијарди евра).
Glad to hand over 50 new vehicles funded by the EU to the Ukrainian police.
They will help them in their daily work.
To bring security and stability in the territories liberated by the brave Ukrainian Armed Forces, and support the population.
This is EU solidarity in action. pic.twitter.com/lnEpNWI82V
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) February 24, 2024