Актерката Еван Рејчел Вуд, го обвинила рок музичарот Мерилин Менсон, дека ја силувал на снимањето на музичкиот спот за неговиот сингл „Heart-Shaped Glasses“ од 2007.
Во новиот документарец за нејзиниот живот и кариера – „Phoenix Rising“ кој премиерно беше прикажан на филмскиот фестивал на „Sundance“ 2022 година, Вуд изјавила дека во текот на претходно коментираните „симулирани секс сцени“, Менсон „навистина почнал да пенетрира“ во неа кога камерите повторно се вклучиле.
„Никогаш не сум се согласила за тоа“, изјавила актерката. Вуд тврди дека ѝ давале да пие апсинт на снимањето на видеоспотот, во кој глуми лик кој изгледа како Лолита и дека одвај била свесна дека можела да даде приговор поради наводните постапки на Менсон.
Таа додала и дека никогаш во животот не била на таков непрофесионален сет, велејќи дека тоа бил „целосен хаос“ и дека не се чувствувала сигурно.
„Никој не внимаваше на мене“, изјавила Вуд. Таа изјавила и дека поради наводниот инцидент се чувствувала „одвратно“ и „како да направила нешто срамно“.
„Бев принудена на комерцијален сексуален чин под лажно тврдење. Тогаш започнува првото злосторство против мене и во суштина сум била силувана пред камера“.
Таа изјавила и дека Менсон ѝ дал „навистина јасни упатства“ како треба да го опише видеото на новинарите:
„Требаше на луѓето да им кажам дека добро поминавме, романтично, но ништо од тоа не беше вистина“, вели таа.
„Но, се плашев да направам било што за на некој начин да не го вознемирам Брајан. Видеото беше само почеток на насилството кое ескалираше во текот на врската“, раскажала Вудс.
Таа претходно го обвини Менсон со кој била во врска од 2007 до 2010 година, дека ја злоупотребувал додека била тинејџерка.
Кога се запознале во 2006 година, таа имала 18, а тој 38 години.