Во координирана акција на Основното Јавно обвинителство-Скопје, Финансиската полиција и Секторот за контрола на катастарот, вкупно 13 лица вработени во Агенцијата за катастар на недвижности во Скопје се фатени како буквално го крадат Буџетот на Агенцијата за катастар на недвижности, информираат од Управата за финансиска полиција.
Оттаму информираат дека по добиени оперативни сознанија за постоење на основи на сомневање за сторени кривични дела од страна на поголемиот дел вработени на шалтерите во Центарот за катастар на недвижности во Скопје, Финансиската полиција започна со предистражна постапка во која согласно Законот за кривичната постапка веднаш се вклучи и надлежен јавен обвинител од скопското јавно обвинителство.
Посочуваат дека од стартот на акцијата во истата се вклучи и Секторот за внатрешна контрола на катастарот кој со своите проверки во целост ги потврди сознанијата на Финансиската полиција.
Вработените со добро разработена шема за крадење
Имено, започнувајќи од почетокот на 2013 година па се до моментот кога се откриени во текот на 2016 година, шалтерските работници во скопскиот катастар констатантно ги краделе парите од касата на катастарот.
Шемата за крадење била многу едноставна ама тешка за откривање заради што и подолг временски период успевала. Имен, доколку на шалтерот во скопскиот катастар во изминатите три години се појавела странка која имала потреба за користење на некоја од услугите кои ги нуди катастарот, а за кои нормално согласно закон треба да се плати соодветна тарифа и странката не поседувала платежна картичка со која на лице место би ги платила услугите, веднаш се активирала криминалната шема. Осомничените шалтерски работници веднаш откако ќе дознаеле дека странката нема платежна картичка се нуделе да и „излезат во пресрет“ на странката и да ја поштедат од одење во банка каде странката на соодветна уплатница требало да го уплати надоместокот за катастарската услуга и нуделе тие наместо неа да ја извршат уплатата со платежна картичка а за возврат од странката барале кеш пари кои за жал во најголем број случаеви и ги добивале.
Откако ќе ја добиеле побараната сума на пари во кеш која речиси редовно е многу поголема од сумата кој реално требало да биде уплатена согласно тарифникот на Агецијата за катастар на недвижности, шалтерските работници на пос терминалите кои им се доверени за извршување на службената должност, поминувале своја или платежна картичка на друго лице се со цел да можат да испечатат слип(потврда) за извршено плаќање која задолжително треба да се прикачи кон пријавата на странката и е предуслов за постапување по предметот од страна на стручните служби на катастарот.
Веднаш откако ќе го испечателе слипот (потврда за плаќање) од пос терминалот, повторно се најавувале на постерминалот и ја сторнирале банкарската трансакција.
Пријавените шалтерски работници биле внимателни во извршувањето на кривичните дела па така за да не бидат уплатите сомнителни кај стручните служби кои согласно закон се должни да ги контролираат, со платежните картици наводно уплатувале сума која е соодветна на онаа предвидена со тарифникот иако од странките во кеш земале многу повеќе. При контролата на извршените уплати и сторнирања на постерминалите кои се користат во Центарот за катастар на недвижности, Финансиската полиција пронајде и поголем број на употребени картички кои се сопственост на повеќе извршители и нотари од реонот на Скопје кои се употребени од шалтерските работници без нивно знаење и дозвола.
Ја олесниле касата на Агенцијата за катастар на недвижности за околу 2 милиони денари
Финансиската полиција открила дека во речиси 3.000 предмети е извршена истата шема, а 13-те пријавени шалтерски работници согласно важечките тарифници касата на Агенцијата за катастар на недвижности со оваа операција ја олесниле за околу 2 милиона денари, а за себе заработиле и многу повеќе.
Против осомничените вработени во катастарот, Финансиската полиција до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривични пријави за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ согласно член 353 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Во текот на вчерашниот и денешниот ден најголем дел од пријавените се приведени и беа изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1-Скопје и им е изречена мерка претпазливост.