(ВИДЕО) Фантастичиот Дончиќ урна рекорд на Леброн, сепак Клиперси одат понатаму

Ниту фантастичната партија на Лука Дончиќ не беше доволна за Далас маверикс во седмиот решавачки меч од воведната плејоф-рунда, па ЛА Клиперс со победата со 126-111 си обезбеди место во западниот плејоф.

Клучна за триумфот на „клиперси“ беше неверојатната серија од 30-6 на крајот од третата и почетокот од последната четвртина, со предноста на „телињата“ (81-76) ја претворија во позитива од огромни 19 поени (106-87). Сето понатаму беше само рутинско одработување на задачата.

Лука Дончиќ ја заврши сезоната со уште една магична партија, откако средбата ја заврши со 46 поени, но немаше вистинска поддршка од соиграчите. Словенецот со тоа урна уште еден рекорд во низа на Леброн Џејмс, како најмлад играч кој постигнал најмалку 40 поени во една „мајсторка“. Тоа го стори со 22 години и 98 дена, со што е за цела година помлад од „Кралот Џејмс“ кога го направил тоа остварување.

Лидер на составот од „Ел-Еј“ беше Каваи Ленард со 28 поени, на кои додаде 10 скока и девет асистенции, а фантастичен беше и Маркус Морис, кој постигна 23 поени со седум тројки, со што се изедначи со Стеф Кари со најмногу погодени удари за три поени во седми натпревар од доигрувањето. Клиперси во следното плејоф-коло ќе се сретнат со Јута џез.