Словачкиот премиер Роберт Фицо врз кого претходно во средата рано попладнето беше изведен атентат, е ставен во состојба на вештачка кома по повеќечасовната операција, објави телевизијата ТА3.
„Премиерот по операцијата е во индуцирана кома, многу ќе зависи од неговата физичка состојба и од тоа колку неговото тело може да се справи со здобиените повреди“, се наведува во кусиот извештај.
Се појаснува дека е избегната критична загуба на крв.
Според порталот Standard, словачкиот премиер бил ранет со еден истрел во рамото и со уште два во абдоминалната празнина, а било пријавено и внатрешно крварење. Весникот Dennik N пишува дека Фицо бил опериран во болницата во Банска Бистрица, во близина на Хандлова, мал град во централниот дел од земјата на 190 километри југоисточно од главниот град Братислава, каде што беше каде што бил пренесен со хеликоптер по извршениот атентат врз него.
Како што изјави шефот на словачкото Министерство за внатрешни работи, Матус Шутаи-Ешток, Фицо е во критична состојба. Тој истакна и дека нападот врз премиерот бил од политички причини.
Мажот уапсен веднаш како извршител на нападот, идентификуван како 71-годишникот Јурај Цинтула, е поранешен чувар во трговски центар, автор на три збирки поезија и всушност бил основач на литературен клуб, а не член на Друштвото на писателите. Според телевизијата ТА3 тој изјавил дека нападот го извршил поради неговото несогласување со политиката на владата.
„Не се согласувам со политиката на владата. Медиумите се уништуваат“, вели тој во снимката која кружи на интернет во која вели дека не ја одобрува политиката на актуелните власти и промените во словачката јавна телевизија.
Претходно шефот на Министерството за внатрешни работи на републиката, Матус Шутаи-Ешток изјави дека атентатот има политички мотиви. Тој вети дека злосторството ќе се истражи во најкраток можен рок.
Според ТВ каналот Markiza, Цинтула пукал од легално регистрирано оружје со кратка цевка.